Мостот на Крива Река кај Довезенце пропаѓа, општината планира изградба на нов


Мостот преку Крива Река во близина на кумановското село Довезенце не е во најдобра состојба.

Локалните жители, но и оние кои за викенд го посетуваат селото велат дека од едната страна е пропаднат, па безбедното преминување преку него е доведенo во прашање.

Овој мост нема ограда од страните, бетонски е и неговите столбови стојат во реката.

Кога Крива Река е со низок водостој, таа поминува под него, но кога водостојот е висок, наносите, гранките и останатиот отпад што го носи водата се таложи на столбовите.

Мештаните велат дека се обиделе самостојно да ги зачистат наталожените нечистотии околу мостот, но дека нема пристапно место за тоа да го направат без механизација.

Инаку, по неко поминуваат пешаци, но и возила, трактори, комбањеи, за потребите на земјоделците.

Од Општина Куманово, за Независен.мк, велат дека на ова место ќе се гради нов мост.

„Во предвидените активности за работа на Општина Куманово во план е да се направи нов мост на посочената локација. Како општина аплициравме за добивање на финансиски средства од Европската Унија, кои сè уште не се одобрени, меѓутоа очекуваме позитивен исход наскоро.

Од наша страна направена е техничка документација и одобрение за
изградба на нов мост во селото Довезенце на Крива река“, велат од Општина Куманово за Независен.мк.