„Мош“ повторно ги прекрши мерките, затворено и јога студио

Пазарните испектори вчеравечер во Скопје затвориле три угостителски локали и едно студио за вежбање. Два угостителски објекти и вежбалната за јога не ja почитувале  забраната за работа по 21 часот, а третиот угостителски објект си ја скинал пломбата и повторно почнал да работи, без да се регистрира.

Среде центарот на Скопје, синоќа инспекторите и полицијата здружено влегле во јога студио каде имало повеќе од 25 лица што полуголи вежбале јога и го затвориле студиото, соопшти директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.

– Полицијата ги избрка од јога студиото. Тие си мислеле дека може да работат до 24 часот, но јасно е со мерките и препораките за заштита во време на пандемија дека тоа не е така, ни изјави Пауновски.

Инспекторите синоќа имале полни раце работа и во баровите „Три кичен“, „Мош“ и „Холивуд“ кои исто така имале гости. Во угостителскиот објект „Три кичен“, кој е споен со клубот „Станица 26“, гостите седеле во темница чекајки да си одат инспекторите. Полцијата веќе била таму, но се однесувала како да ги штитела присутните во објектот.

Во „Мош“ се заканувале и на инспектори и на полиција, дека знаат луѓе од владата, дека знаат луѓе во полиција.Во 22:30 часот, во објектот имало околу триесетина лица. Локалот е привремено затворен, а ќе следува и кривичина пријава, информираат од Министерството за внатрешни работи.Локалот „Мош“ и претходно и беше „трн во око“ на јавноста, по грубото прекршување на протколите на свирките на српскиот пејач Владо Георгиев.

Од вчера е затворен и барот „Холивуд“ кој си ја отстранил пломбата и продолжил со работа.

– Инспекциите синоќа, посебно од одделението во Скопје, имаа полни раце работа. Трите  угосителски објекти се фатени дека работат во  23, 23.30 и 24 часот, а  кај еден имаме и кинење пломба пред да му истече рокот за затворено и отворил повторно.  Тоа е објект во Чаир, кој повторно е затворен, направен е записник и поднесена е кривична пријава за кинење службен печат од институција, рече  Пауновски.

Во  локалот „Мош“, кој бил отворен иако привремено запечатен, интервенирала и полицијата. Сè што таму затекнале инспекторите, посочи Пауновски, е заведено во записникот, а за навредите што им биле упатени, рече, инспекторите се веќе навикнати.

-Меѓутоа, треба да им служи на чест на оние коишто ги организираат и се сопственици на тие угостителски објекти. Во записниците стои дека работеле и во 23 часот, заедно со полицијата е правена контролата. Истиот субјект е казнет и по претходниот закон кога поднесувавме кривични пријави и беше затворен. Ова е по новиот закон, и во зависност од големи, мали или средни претпријатија, казните се од 3.000 до 30.000 евра и плус 1.500 евра за физичкото лице. Во рок од три дена сега казните ги доставува директно ДПИ преку платни налози, а објектот ќе биде затворен од 10 до 30 дена, додаде директорот на Пазарниот инспекторат.

Според него,  и овие казни се ригорозни и не се потребни дополнителни, но порача да бидат посовесни и да не сметаат, како што рече,  дека инспекторите ќе проверуваат само во 21 часот (односно од 18 часот од денеска), и дека откако ќе си заминат, ќе ги продолжат забавите.

– Инспекторите се на терен и додека имаме дослух и од граѓаните, тие ќе ги проверуваат сите угосителски објекти каде се сомневаме  дека има повторно отворање и собирање на поголеми групи луѓе како гости и ќе делуваме. Овие казни што ги имаме денес мислам дека се доволни, само да се врати свеста и совеста кај оние што вршат угостителска или други дејнсоти, да бидат малку попослушни кон донесените протоколи, истакна Пауновски.

За време на новогодишната ноќ, рече, Инспекторатот ќе работи според насоките што ќе ги добие од Владата и дека ако е потребно, а верува дека ќе биде така, инспекторите ќе работат и на 31 декември и на 1 јануари.

Во однос на контроли во туристичките места, гарантира, рече, дека ќе ги има во секој град зашто ДПИ има одделенија со инспектори и дежурни екипи кои заедно со полицијата ќе делуваат каде што има неправилности, непочитување на протоколите, прекршување на работното време и групирања.

Во однос на казината и обложувалниците, Пауновски одговори дека и тие како и угостителите од денеска по 18 часот  не смеат да послужуваат пијалаци.