Монументалниот Иконостас од прилепската црква „Свето Благовештение“ доби конструктивно зајакнување и стабилизирање


Конечно е зацврстен и стабилизиран монументалниот Иконостас во прилепската црква „Свето Благовештение“, стар 187 години, колку и црквата, ремек дело на тајфата на Петре Гарката. Со димензии од 16 на 7 метри е најголем од трите најимпозантни иконостаси, заедно со оние во манастирот „Свети Бигорски“ и во скопската црква „Свети Спас“.

Во петтата година откако започна неговата конзервација завршија зафатите за оваа година со неговото конечно зацврстување и стабилизирање.

-Годинава добивме најмногу средства, доволно да се заврши најпроблематичниот дел во однос на состојбата на Иконостасот. Проблемот беше самата конструкција, односно скелетот на Иконостасот врз кој се поставени дрворезбарните елементи. Направени се радикални, поопсежни конзерваторско-реставраторски работи. Се изврши зајакнување на старата конструкција. Поставени се нови вертикални и хоризонтални греди во горниот дел од задната страна и се прицврстени за вертикалните греди. Поставени се и нови, хоризонтални греди како зајакнување на старата конструкција. На првиот и вториот кат сега има нови челични сајли кои дополнително ќе ја обезбедат стабилноста на Иконостасот. За статиката беше ангажиран и стручњак-статичар, објаснува Оливера Мокриевска, конзеррватор советник.

Во долниот дел на Иконостасот се ископани стопи со изолација да нема директен контакт со оригиналното дрво. Воедно, беше конзервиран и големиот крст кој е вратен на средината на врвот на Иконостасот.

-Крстот беше симнат од безбедносни причини. Го конзервиравме и го реставриравме носачот на крстот, вели Мокриевска.

Зајакнувањето, стабилизирањето и конзервирањето на монументалниот Иконостас се одвива во фази. Оваа, со неговото зајакнување беше најголемата и една од носечките фази.

-Најкомплексната работа се направи во оваа фаза. Иконостасот доби конструктивно зајакнување. Со конзервацијата на ова монументално дело почнавме пред пет години и се надевам дека до крајот на 2027 година целосно ќе завршиме, вели Мимоза Христоска, директор на прилепскиот Завод и музеј.

Претстои и конзервација на иконите како движно културно наследство а се комплексен дел од монументалниот Иконостас кој е бесценето кулотурно наследство.