„Монтенегро ерлајнс“ од денес не лета – кој ќе одговара за уништената авиокомпанија


Авионите на државната авиокомпанија „Монтенегро ерлајнс“ (МА) од денес повеќе нема да летаат, соопштија синоќа претставниците на МА. Националната авиокомпанија на Црна Гора постоеше 26 години, од кои сообраќаше повеќе од 23 години, пренесува порталот Банкар.

„Поради новите околности кои се однесуваат на одлуката на Владата да не го поддржува постоењето на МА во иднина и што има многу негативно влијание врз безбедноста на континуираниот воздушен сообраќај, проценивме дека тоа е ниво на ризик што МА не може да го прифати. Од 26 декември 2020 година целосно ќе го прекинеме планираниот сообраќај “, беше објавено од МА.

Владата во четвртокот објави дека поради европските правила и домашните закони за државна помош, тие не можат повеќе да ѝ плаќаат ниту едно евро на оваа компанија, а еден од моделите преку кој ќе се гаси е неизбежен банкрот, што може да го побара кој било од десетиците доверители.

Од Владата соопштија дека тие сè уште не донеле одлука за тоа, но дека рацете им се врзани и дека повеќе не можат да даваат финансиска помош на МА, бидејќи би се прекинале преговорите со ЕУ.

Покрај тоа, нискобуџетната компанија „Рајанер“ поднесе жалба до ЕК против Црна Гора на 4 декември, во која се тврди дека оваа година Владата ѝ давала пари на МА покрај износот од 43 милиони, што и биле исплатени на авиокомпанијата преку спорниот посебен закон за МА.

Министерот за финансии, Милојко Спајиќ, прецизираше дека штетата од затворањето на МА може да биде околу 50 милиони евра, додека во буџетот за следната година ќе бидат издвоени 30 милиони евра за основање на нова компанија.

Ставот на Владата дека затворањето на МА не може да се избегне беше осуден од поранешната влада, која, како што беше утврдено, незаконски ја одржуваше компанијата со години со парите на даночните обврзници и никој не одговараше за долгови и загуби.

Некои експерти за аеронаутика велат дека наместо да се исклучи, компанијата може да се преструктуира.

Владата на премиерот Здравко Кривокапиќ најави формирање на нова компанија, а што би биле потребни од шест до девет месеци. Компанијата не може да биде целосно оперативна до 2022 година.