Момо, реална закана за децата или виртуелна измама?


Четворица основци од Битола што се самоповредиле со сечење вени биле  предизвикани од игрите „Момо“ и „Синиот кит“. Оваа застрашувачка вест молскавично ја пренесоа интернет-порталите, откако за ТВ 24 директорот на ОУ „Коле Канински“ од Битола, Зоран Мирчевски, го потврди случајот.

„Да, во нашето училиште има четири случаи на самоповредување. Тоа се случуваше надвор од училиштето, но како воспитно-образовна установа презедовме мерки. Учениците се викнати на разговор, исто и родителите. Случајот е пријавен во МВР и во Центарот за социјални грижи. Надвор од училиштето имало некоја игра која ги наведувала учениците на самоповредување, сечење по раце. Направивме проверка со припадници на МВР и утврдивме четири такви случаи“, изјави Мирчевски. Од МВР вчера рекоа дека го истражуваат случајот и откако ќе се утврдат деталите, дополнително ќе ја известат јавноста.

Веста за играта која, наводно, ги повикува децата да се убијат се прошири во светот пред неколку години, а пред неколку месеци стана вирална и кај нас. Според иницијалната приказна, децата по пат на „ватс-ап“ контактираат налог зад кој се наоѓа Момо. Играта почнува така што корисниците се предизвикуваат да контактираат со Момо. Тоа е лик на жена со застрашувачки и вознемирувачки изглед, со многу крупни очи, за кој се смета дека е инспирирана од хорор куклата на јапонскиот уметник Мидори Хајаши, кој инаку нема никаква врска со играта. Откако децата контактираат со Момо, им се даваат серија сериозни предизвици, а доколку децата одбијат, следува казна и на телефонот почнуваат да им стигнуваат заканувачки пораки и застрашувачки фотографии.

Паралелно се појавија и информации дека има 130 тинејџери кои починале во Русија од последиците од опасните игри. Се зборуваше и за жртви во Аргентина, па и во неколку држави во Европа, но не постојат официјални податоци кои би ја потврдиле оваа приказна, тврдат познавачите на интернет сферата. Според нив, ширењето лажни вести од жолтиот печат креира друга реална опасност, а тоа е отворање огромен простор за да се искажат разни измамници. Па така, како што велат, на Јутјуб може да се најдат голем број видеа на оваа тема. Најмногу доаѓаат од јутјуберите кои сè би направиле за клик повеќе. На социјалните медиуми и мрежи, велат, се појавуваат и фотографии од тоа како Момо праќа пораки на „ватс-ап“. Овие фотографии се, всушност, скриншотови најверојатно направени од многуте видеа објавени на Јутјуб, бидејќи досега ниту еден реален корисник на апликацијата за комуникација „ватс-ап“ немал вакво искуство.

Официјалните лица на „Јутјуб“ неодамна потврдија дека не постои никаква интернет забелешка за какво било сомнително дејствување. Интернетот е тешко контролирана сфера. Има сè и сешто, може секој да се активира и да прави што ќе посака, додека ги нема органите на редот. МВР преку секторот за компјутерски криминал е повикано да каже дали навистина постојат игри што ги наведуваат децата на самоубиство или тоа е уште една голема манипулација која создава непотребно паника кај родителите.

Од секторот за внатрешни работи-Битола вчера потврдија дека од директорот на ОУ „Коле Канински“ од Битола е доставено официјално барање за постапување затоа што, како што е пријавено, кај неколку ученици била забележана појава на самоповредување. СВР постапува со најголема сериозност по барањето со цел расчистување на овој случај. Целиот случај дополнително е обвиткан со мистерија откако од полицијата потврдија дека од ЈЗУ Здравствен дом Битола ги известиле дека во нивната здравствена установа не е побарана медицинска интервенција врз пациенти – деца кои имале повреди настанати како резултат на самоповредување.

„Во контакт со Клиничка Болница Битола, исто така добивме известување дека во Клиничка Болница Битола во изминатиот период па се до денес 16.04.2019 година не се примени малолетни деца со нанесени повреди по телото поврзани со ваков случај. Од ЈУМ Центар за социјални работи Битола сме известени дека до денес дошол еден родител, кој побарал институцуионална помош за детето за надминување на проблемите кои се јавиле во однесувањето на детето кое пробало да се самоповреди на раката (настан кој се случил пред Нова година). Во текот на денешниот ден се јавило на разговор и друго семејство за своето дете кое минатата недела си нанело повреда. Извршен е разговор со директорот на училиштето и прибрани се сите информации за понатамошно постапување и преземање на мерки околу расчистување на случајот. Се преземаат координирани активности и мултисекторско постапување со вклучување на стручните педагошки и психолошки служби на училиштата, Центарот за социјални грижи и здравствените институции“, велат од битолската полиција.

Без оглед каков епилог ќе добие конкретниов случај она што родителите треба да го направат, според психолозите, е да ги едуцираат своите деца за реалните опасности – од разните содржини кои не се адекватни за нивната возраст, преку сексуални предатори до измамници кои ги меркаат кредитните картички. Родителите треба да разговараат со децата,  да им укажат на опасностите од комуникација со непознати личности, како и да не прифаќаат таква комуникација, ниту да одговараат на барања од непознати налози и веб-адреси. Симптомите според кои може да се препознае дека детето е жртва на некаква злоупотреба од новите технологии е промената во неговото однесување, константно користење на телефон, таблет, компјутер, одбивање комуникација, но и намален апетит, проблеми во дружењето, социјалниот живот. Сето тоа во насока на позитивно родителство и квалитетно поминато време со своето дете.  (Н.К.)