Момчето кое загина во Пинтија со шарено досие


Фото: Б. Грданоски

Информацијата дека момчето кое загина во сообраќајката што се случи минатата недела во Пинтија имало 16 сообраќајни казни ја запрепасти јавноста бидејќи покажа дека низ патиштата има возачи со десетици казни, кои, освен што го ризикуваат својот живот, го ризикуваат и животот и на другите возачи и пешаци. Информацијата за казните на момчето ја соопшти лично министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, но од Министерството за внатрешни работи не соопштуваат за што точно биле казните и дали е точно дека му биле пишани во последните шест месеци, со образложение дека станувало збор за лични податоци. Од она што неофицијално можевме да дознаеме, момчето имало неколку казни за пребрзо возење, за погрешно паркирање, полицијата го фатила за неправилно престројување на крстосница и додека возел зборувајќи на телефон. Остана недокажано како момчето сè уште имало возачка дозвола и дали воопшто стигнало до Судот за прекршоци. Полицијата секојдневно испраќа соопштенија колку возачи санкционирале на патиштата, но дали некој ќе остане без дозвола и ќе му биде забрането да вози, кај нас зависи од тоа колку возачот самиот е одговорен, совесен и колку му се посреќило во полиција или во Судот за прекршоци.

Според процедурата, кога полицијата запира возач, на пример, за возење под дејство на алкохол, должна е да ја одземе возачката дозвола на самото место и возачот да го исклучи од сообраќај. Но во пракса се случува само да се одземе возачката дозвола, да се направи записник за прекршокот и, доколку не е многу пијан, возачот продолжува да вози до дестинацијата каде што тргнал. Возачот има право во рок од една недела да ја плати половината од паричната казна или да впише негативни поени во казнената книшка. Во зависност од тоа колку промили алкохол покажал на тестот, зависи и паричната казна, односно негативните поени. Доколку возачот реши чесно да ја заврши процедурата, ќе ја однесе возачката дозвола во полиција, ќе ја плати казната или ќе ги впише поените. Ако паричната казна е висока, најчесто се одлучуваат да ги впишат негативните поени кои, пак, се со важност од три години, а потоа се бришат.

Но, освен чесните, има и примери кога возачот одлучува да не ја однесе возачката дозвола и во пракса често се случува никогаш да не ја намири казната. Тој ќе продолжи да вози со својата возачка дозвола, па дури и ако повторно го сопрат полицајци, тие нема веднаш да знаат дека тој е веќе казнет, затоа што на неговата дозвола нема никакво обележје за тоа. Во овие случаи, вообичаено е полициски службеници да доставуваат покани и до домашната адреса на возачот, кој многу веројатно е да не биде дома. Па така, судските процеси се одолговлекуваат и на некои возачи казните им стигаат дури по четири години откако ги запреле. Во судот за прекршоци секојдневно има по дваесетина рочишта за сообраќајки и доколку возачот не се појави на судење, судијата може да донесе пресуда, но странката може да бара повторување на постапката.

Од судот велат дека, согласно Законот за безбедност во сообраќајот, прекршоците за кои е предвидена казна во глоба или казнени поени се во надлежност на МВР. Во зависност од утврдениот рок, ако не биде платена казната, се поведува постапка во Судот за прекршоци. Потоа се закажува судење за изрекување мандатна казна и ако се утврди мерка, до полицијата се доставува забрана за управување со возило.

Според последните информации од Министерството за внатрешни работи, завчера во акциска контрола биле казнети 58 возачи кои ја пречекориле дозволената брзина и се издадени исто толку мандатни платни налози. Откриени биле и 74 останати прекршоци за кои се издадени 18 мандатни платни налози и 56 прекршочни платни налози. Истата вечер за неколку часа биле откриени 27 мотоциклисти кои сториле прекршоци

Три години затвор за жената што го прегази малиот Давид

Три години затвор доби жената што пред четири години со автомобил го прегази дванаесетгодишниот Давид Ангелевски кај Градскиот парк во Скопје, на булеварот „Илинден“.

Таа е осудена за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Пресудата беше објавена вчера, а како што соопштуваат од Кривичен суд, во текот на постапката биле изведени шест вештачења.

„Судот смета дека оваа пресуда треба да одекне во јавноста како предупредување за зголемено внимание и почитување на законите, како и правилата и прописите за безбедност во сообраќајот кај сите учесници“, е пораката од судот при изрекувањето на пресудата. Против оваа пресуда странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд.

Малиот Давид на 18 септември 2015 година беше удрен од автомобил „фиат пунто“ поминувајќи на пешачки премин со својот велосипед, додека на семафорите на раскрсницата не работеле, односно трепкале жолтите светла. (Ф.Ф.С.)