Молк во салата и кулоарите во Собранието, нервоза во опозицијата


Во салата беа присутни само оние што бараат оставка на Владата (Фото: Борис Грданоски)

„Ќе видиме“, беше краткиот коментар на Горан Милевски, лидер на ЛДП и министер, кој беше единствениот што можеше да се сретне низ кулоарите на Собранието пред почетокот на гласањето за доверба на Владата.

Од страв дека седницата ќе почне пред сите да се соберат, пратениците на опозицијата се собраа навреме во салата, а дојдоа и двајцата заразени со Ковид-19, координаторот Никола Мицевски и пратеничката Ангелина Петковска. На лицата на сите се гледаше нервоза и неизвесност, бидејќи и на минута пред седницата никој не можеше да каже каков ќе биде исходот.

Меѓу новинарите, кои беа во голем број, владееше збунетост и очекување, додека не се рашири веста дека Кастриот Реџепи од партијата Беса го нема во Собранието и место тоа, напишал порака на Фејсбук. Првата реакција на новинарите беше – не ни падна на памет дека баш тој може да биде пратеникот што ќе му пресуди на новото мнозинство. 

Талат Џафери ја напушти собраниската сала и на неговото место по десетминутната пауза седна потпретседателот Фадил Зендели. Со тоа новото мнозинство има само 60 гласа и нема кворум да почне седницата. Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ побара пауза од еден час, низ собраниските ходници траеше молк бидејќи главните драми очигледно се одвиваа во канцелариите или на друго место. Еден од ретките што се појави во ходниците беше Изет Меџити од ДУИ, кој само рече: „Тоа е тоа – 60:60“.За да се увери лично што се случува во Собранието, за време на паузата дојде и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, додека Александар Николоски нервозен и одбивајќи да даде изјава, излезе од него.

На опозицијата очигледно не и помогнаа и двајцата пратеници во скафандери кои мораа да ги трпат прашањата на новинарите дали сега треба да одговараат кривично, бидејќи такви закани упатуваа на останатите заразени пратеници во екот на корона кризата изминатите месеци кога доаѓаа да гласаат на важни седници. 

„Се надевам дека нема да има кривична пријава за биолошки тероризам овој пат. Веројатно сите сме свесни што зборував пред година и пол за потребата од онлајн работа“, им порача собранискиот спикер Талат Џафери. 

Околу 13 часот во Собранието дојде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Кога новинарите го прашаа дали има или нема мнозинство рече дека сега доаѓа од часови на факултетот и дека не знае точно што се случува.

На прашање од ТВ 21 дали ќе се најде друг пратеник на местото на Кастриот Реџепи, кој се премисли, Мицкоски само го спореди пратеникот со Амди Бајрам, кој во оној познат обид во 2000 година да се собори владата на ВМРО-ДПМНЕ славно изјави дека им „дал гол со пета“ на тогашните опозиционери кои калкулираа со неговиот глас. 

„За современиот, нека му е лесна земја, Амди Бајрам?“, рече Мицкоски.

Подоцна, кога продолжи седницата, Димитар Апасиев од Левица, наведувајќи членови од Деловникот за отстуството на спикерот, побара нов час пауза за Талат Џафери да се врател во салата. (С.Ј.)