Мојсовска: Регистрираните земјоделки ќе може да користат надоместок за мајчинство, пилот мерка во 2023 година


Регистрираните земјоделки ќе може да користат надоместок за мајчинство за време на спреченост на вршење на земјоделската дејност поради раѓање, право што не е опфатено со прописите за платено породилно отсуство од областа на работните односи. Станува збор за пилот мерка што ќе се реализира во 2023 година, најави на денешната прес-конференција претседателката на Националната федерација на фармери (НФФ), Васка Мојсовска.

– Посебно значајно за нас е што преку интензивната работа на НФФ поддржана од Шведската организација за развој „We Effect“, преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопансво, креирана е Програма за обезбедување на социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност. Преку оваа програма ќе им биде овозможено на регистрираните земјоделки користење на надоместок за мајчинство, за време на спреченост на вршење на земјоделската дејност поради раѓање. Ние како организација ќе продолжиме да работиме оваа мерка да биде дел од Закон за трајно решение и исто така, да се најде соодветно решение и за боледувањето на регистрираните земјоделци, нагласи Мојсовска.

Таа појасни дека НФФ во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за труд и социјална политика и Министерство за здравство, формирала работна група што работела во текот на годината за изнаоѓање на соодветно решение.

– Во групата, исто така, активно учество зедоа преставници од трите министерства, УЈП, ПИОМ, Фондот за здравствено осигуравње, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Станува збор за проблем што постои 30 години во државата и од 2023 за првпат ќе се пилотира решение, со што земјоделки ќе добиваат надомест за мајчинство поради спреченост за извршување земјоделска дејност поради раѓање. Со една политика, програма се овозможува да се развива земјоделството како професија, ќе се влијае позитивно за зголемување на бројот на регистрирани земјоделки и земјоделци, чија основна дејност им е земјодеството и исто така, ќе се влијае и позитивно на зголемување на бројот на млади фармери и жени фармери сопственички на земјиште, додаде Мојсовска.

Таа истакна дека тие се залагаат економски да јакне малиот земјоделец и земјоделството да биде вистинска професија.

Проект менаџерот при НФФ, Билјана Петровска информираше дека според Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделство и рурален развој, вкупно регистрирани земјоделци според ПИОМ се 4.291, од кои 1.255 се женски лица.

– Податокот од Фондот за здравство покажува дека се 1.075 лица, додаде Петровска.

Програмата за откуп на свежо овошје 2022 година на МЗШВ, како што кажа Мојсовска, е добар механизам да се откупува вишокот на земјоделските производи.

– Оваа програма е поддржана преку интервенцијата школски шеми – пилот јаболка преку проект на Шведската организација за развој „We Effect“ и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида, а имплементирана е од Националната федерација на фармери во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Токму преку оваа програма се откупени 743.000 килограми домашни јаболка од македонските земјоделци, дистрибуирани се во 350 основни училишта, односно до 186.000 ученици. Тоа значи дека воспоставува нов систем на откуп на конзумно домашно јаболка, наменето за здрава ужинка за учениците. Се надеваме дека оваа пракса ќе продолжи и в година и ќе се изврши и откуп на нови земјоделски производи, посочи Мојсовска.

Во насока да се укаже дека не смее да пропаѓа домашното производство, Националната федерација на фармери ја спроведува и кампањата „Купувајте домашни земјоделски производи“, со цел да се истакне и поттикне зголемување на потрошувачка на домашните земјоделски производи на домашниот пазар.

Беше спомената и земјоделска реформа од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

– Мораме да истакнеме дека и ние како социо–економски партнер на Министерството, сме информирани и консултирани за овие процеси. Организиравме средби со Министерството за земјоделство и министерот Љупчо Николовски, каде што пред земјоделците беше презентиран новиот модел за субвенционирање. Она што сметаме е дека треба да се менува моделот за субвенционирање во насока субвенциите да бидат наменети за вистинските земјоделци, односно земјоделците кои егзистираат од земјоделството и да нема манипулации во делот на користење на субвенциите. Заеднички став на сите е дека субвенциите треба да имаат развојна компонента и да се насочени за вистинските земјоделци, децидна беше Мојсовска.

Таа посочи и дека во изминатите десетина години, производните цени на земјоделските производи се зголемиле, а откупните цени се намалиле.

– Од друга страна, тука се и негативните влијанија на климатските промени, што прават големи штети во сите земјоделски сектори. Придонесуваат разочарување кај самите производители на храна. Сметаме дека во политиките и стратегиите на земјоделството, треба посебно да се даде акцент на климатските промени, навистина се голем проблем за нас земјоделците и мора да го прилагодиме производството на новите климатски промени. Колебливоста на климата е веќе зголемена во Македонија и нашата држава веќе стана земја со висока изложеност на најразлични природни непогоди. Особено поплави, суши, екстремни температури, град и земјотреси, наведе таа.

Тоа што може да се дефинира како значајни проблеми, како што подвлече Мојсовска, како и предизвици во делот на пласманот на земјоделството, се ниски откупни цени, неорганизираност кај самите земјоделци, нелојална конкуренција која го има монополот на пазарот за откуп, непостоење на договорно производство, недостаток на едукација и инвестирање во нови технологии од страна на земјоделците, недостаток на едукација за претприемништво и непостоење на функционални форми на економско здружување на земјоделците.

– Овие факти загрижуваат. Загрижува и економската криза, предизвикана со руско-украинската војна, каде што ние како увозно зависна земја, ќе се соочиме со негативни влијанија врз македонската економија. Има поскапување на прехранбените производи и тоа се случува секаде во регионот, па и во светот, каде што најголема штета претрпуваат земјоделците и потрошувачите. Ова е парадокс во економијата каде што имаме поскапувања на прехранбените производи, а примарните земјоделски производи се со ниски откупни цени, без разлика што и тука цените на инпутите, како што се струја, нафта, заштитни препарати, ѓубрива, растат, сезонска работна сила нема, или е многу скапа, појасни Мојсовска.