Мојсоска поднесе ургенција до МВР и Обвинителство – дивоградба во Струга доби нов кат

Пратеничката и кандидатка за градоначалник на Струга од Левица, Јована Мојсоска, поднела ургенција за итно постапување до Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство во Струга и овластениот градежен инспектор во општината, поради надградба на објект во центарот на градот за кој претходно биле констатирани неправилности во градењето.
„И покрај констатирани неправилности во градењето – дивоградбата во струшката чаршија си крена уште еден спрат“, објави Мојсоска на социјалните мрежи, нагласувајќи дека случајот е „олицетворение на комплетниот колапс и коруптивност на системот“.
Таа посочува дека во градот се јавува феномен на узурпација на државно земјиште и незаконска градба сред бел ден, при што ниту МВР, ниту обвинителството, ниту општината не преземаат мерки за спречување на бесправната изградба.
Во ургенцијата, Мојсоска бара продолжување на постапката за бесправно градење и узурпација на државно земјиште, потенцирајќи дека и покрај започнатите управни и кривични постапки, работите на терен не запираат.
„Проблемот не е во една изолирана институција, туку во комплетна спрега на непостапување на низа институции: јавното обвинителство во Струга, државните правобранители, општината, вишото јавно обвинителство, МВР итн.“, наведува таа.
Мојсоска ја поврза оваа состојба со пошироката ситуација во земјата, оценувајќи дека „во Македонија во секоја сфера е метастазирана корупцијата и безаконието – а за тоа се виновни сите партии кои биле дел од власта досега“.