Мобилната болница подготвена – подобро да не ни затреба


Фото: Б. Грданоски

Мобилната болница, која деновиве се поставуваше во кругот на Клинички центар во Скопје, а е донација од пред неколку години од норвешката влада, ќе го удвои капацитетот на Инфективната клинка за примање пациени со корона вирус.

Денеска во посета на болницата беа министерот за здравство, Венко Филипче, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Сите се задоволни од брзината на поставување и капацитетот што го нуди оваа болница, но се надеваат дека нема да има потреба да се користи, односно дека бројот на заразени од корона вирус ќе биде помал, па Инфективната клиника со својот капацитет ќе ги задоволи потребите.

„Целосната инсталација, целосното ставање во функција на мобилната болница, поставена во кругот на Клиниката за инфективни болести, ќе биде во текот на следната недела. Искрено се надевам дека нема да биде потребна. Сега засега, нешто над 50 проценти е пополнет капацитетот на клиниката“, рече Филипче.

Тој се заблагодари на Министерството за одбрана, на министерка Шекеринска, и на градоначалникот Шилегов, што експресно прво се расчисти просторот, каде беа бараките на поранешниот студентски дом „Медицинар“, кои Град Скопје ги урна и го уреди просторот.

Се расчисти, посочи Филипче, плацот и се обезбеди место каде се постави оваа мобилна болница која ќе има капацитет 130 кревети, практично удвојувајќи го капацитетот на Инфективната клиника.

„Ова е место кое одлучивме дека е најдобро да биде место каде ќе има доволен број кревети, многу поголем од сега актуелниот, заради тоа што тука е центарот на експертизата, специјалистите по инфективна медицина, медицинските сестри, вклучително и резервниот тим од другите клиники кој ротира како поддршка на клиниката и на вработените кои имаат соодветен распоред на работа“, рече Филипче.

Фото: Б. Грданоски

Тој додаде дека верува оти ќе имаме крива на прием на нови пациенти, кој ќе биде практично амортизиран од Клиниката за инфективни болести

„Во услови на криза и епидемија покажавме дека институциите можат извонредно да брзо и квалитетно да соработуваат и да ги решат проблемите. Нешто што многу често граѓаните го забележуваа и сметаа дека е слабост на нашата држава“, изјави вицепремиерката и минстерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Активирањето на мобилната болница, посочи таа, покажува како и во вакви ситуации може да помогне членството и сојузништвото со НАТО земјите членки.

„Оваа болница и целокупната опрема во неа е донација на еден од нашиот силни поддржувачи на патот кон членство во НАТО – Норвешка. Тоа покажа дека членството во НАТО значи и поддршка тогаш кога најмногу ви е потребна“, истакна Шекеринска.

Иницијативата за ваква болница е на Министерството за здравство, но и дека двете клучни институциите – Градот Скопје и Министерството за одбрана со Армијата, ја искористиле ситуацијата и покажале дека институциите се тука за брзо решавање на проблемот.

За тоа дали ова може да се смета за брза реакција, кога се знае дека е петта недела од првиот случај, Шекеринска рече дека би било неодговорно болницата да биде активирана пред пет недели и да седи без ниту еден пациент.

„Болницата треба да биде тука, тогаш кога капацитетот на Инфективната болница се пополнува. Ако денеска имаше пациенти кои не може да бидат примени, да – јас ќе кажев некој задоцнил. Но, ние сме предвреме подготвени за евентуална потреба од зголемување на капацитетот“, истакна Шекеринска.

Прашана зошто Армијата не се активира повеќе за воведување ред на јавни простори, Шекеринска рече дека Армијата во моментот во зависност од денот има меѓу 500 и 1.000 припадници низ целата држава.

„Тоа значи дека во моментот МВР веќе не ја контролира границата и тоа е улога што целосно е дадена на армијата. Ако отидете и ги погледнете Владата и Собранието, ќе видите дека целосно се обезбедувани од армијата. Во затворите и клучните затворски одделенија надворешното обезбедување е целосно од армијата. Најголемиот дел од државните карантини се обезбедувани воглавно од армијата“, рече Шекеринска.
Таа посочи дека не сакаат армијата да се користи таму каде што не е потребна и дека реагираат само по барање и иницијатива на МВР.     (Б.Б.)