МНР се извини за гафот со словачкото знаме при посетата на Фајон


Министерството за надворешни работи изразува длабоко извинување за ненамерниот пропуст при употребата на малото знаме на тет-а-тет средбата на двајцата Министри при посетата на Министерката Фајон на земјава, кое беше едно од десетте државни обележја кои беа употребени за време на средбите.

Според МНР, состанокот, како и целата посета на Министерката Фајон поминале во исклучително позитивна и пријателска атмосфера со важни пораки кои беа разменети и на самите состаноци, но и испратени во јавноста.

-Иако не може да има оправдување за направениот пропуст, министерката со целосно разбирање ја прими грешката како ненамерна, без никакво влијание врз успешноста на средбите и посетата.

Информираме дека Министерството за надворешни работи дополнително ќе ги зајакне протоколарните проверки со цел во иднина да не се повтори ваква ситуација, стои во извинувањето од МНР.

Неодамна, кога се дигна врева за поранешната млада ТВ-водителка Бесмира Јакупи затоа што е вработена без конкурс во МНР и без какво било дипломатско искуство, министерот Османи тоа го потврди велејќи дека таа е преземена од министерството кое го води неговиот сопартиец Артан Груби и дека е назначена во протоколот.

„Таа работи на најниска позиција како соработник за протокол“, изјави Османи одговорајќи на новинарско прашање. Дали таа го избрала знамето сепак не се знае, но кој и да го направил тоа, очигледно не е добро подготвен за тоа. 

Не е притоа првпат да се направи ваков гаф при посета на странски гостин. Кога дојде тогашниот австриски премиер Себастијан Курц беше пречекан со знаме на Летонија, на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ знамето му го свреа наопаку, а амбасадорот на Франција Тимоние во Охрид го пречекаа со знаме на Холандија.