МНР против „замрзнувањето“ на работата на Историската комисија

Османи неодамна ѝ предложи на Софија да се сменат членови во бугарскиот дел од Комисијата кои со изјави ја труеја атмосферата, но не наиде на позитивен одговор


 

По реакциите во Бугарија околу изјавата на Драги Ѓоргиев од заедничката Историска комисија помеѓу  Македонија и Бугарија дека е најдобро нејзината работа да биде замрзната за две години додека не се создаде подобра политичка клима за нејзината работа, бидејќи влегувањето во ЕУ ќе трае десетина години, со порака излезе и нашето Министерство за надворешни работи, сугерирајќи дека зад тој став стои и официјална Софија.  Во неа стои дека  МНР останува на ставот дека таа е нераздвоен дел од Договорот за добрососедство од 2017 година и дека нејзината работа треба да се интензивира, а не таа да се стави на пауза.  

„Работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, претставува важен елемент за исполнување на Договорот за пријателство од 2017 година. По последните јавни настапи на претставниците на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, сакаме да потенцираме дека нејзината работа претставува нераздвоен дел од имплементацијата на Договорот за пријателство од 2017 година. Соодветно на најновата иницијатива на двете држави, потврдена во рамките на заедничката седница на двете Влади, за проширување и продлабочување на меѓусебната соработка во сите области, ја поздравуваме одлуката на двата копретседатели на Комисијата за интензивирање на динамиката на нејзината работа, со цел надминување на разликите за најчувствителните прашања.

Ја разбираме потребата на членовите на Комисијата, особено на нивните копретседатели, јавно да ги изложуваат нивните погледи и ставови, но истите притоа не треба да се толкуваат како државни позиции, ниту, пак, како дел од политичките ставови на двете влади. Оттука, двете влади уште еднаш ги повикуваат сите фактори, вклучувајќи ги тука и членовите на Комисијата за историски прашања, за одржување на веќе договорената динамика на активности, која соодветствува со новиот интензитет на засилена комуникација меѓу двете држави, со цел да се искористи новиот моментум за соодветно надминување на разликите меѓу двете земји и откочување на процесот на европски интеграции на Северна Македонија“, стои во реакцијата. 

Комисијата стана проблем сама за себе во преговорите и нејзината работа беше искористена за  значајно влошување на односите со Македонија од страна на претходната бугарска влада. Македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи при последната посета на Софија предложи да се сменат членови во бугарскиот дел од Комисијата кои со своите изјави, и пред да се одржат состаноците, ја труеја атмосферата, но тоа не наиде на позитивен одговор од Софија. Реакцијата на Ѓоргиев беше токму одговор на таа нефлексибилност од бугарската страна која сака да го наметне своето гледање на историјата во Македонија. (Н.В.)