Многу критичари, малку критики


АНА ПАВЛОВСКА-ДАНЕВА

Со задоволство читам критики кон одредени актуелни политики или однесување на политичар(и) кога се аргументирани, издржани и особено кога нудат решенија подобри од постојните. Афирмативните критики ми се посебно интересни, оние што нудат аргументи за одредени постапки или политики, па ме тераат да подразмислам кога градам негативен став за одредена работа, понекогаш тргнувајќи можеби од субјективни причини.

Во македонскиот дигитален речник зборот критика е дефиниран како образложена оцена на некое дело, работа, постапка; збир од оцени во некоја област.

Кога јавната критиката навистина е образложена, таа може да служи само како конструктивен елемент за управувачите и да биде патоказ и коректив на нивното однесување. Ние сме навикнале власта да не се осврнува на никакви аргументи, предлози, критики. Но, истовремено, треба да сме искрени и свесни дека нашето општество изобилува со критичари, но никако да видиме аргументи и образложенија во нивните критики. Како во негативните така и во афирмативните. Чест на исклучоците.

Вкоренет е ставот меѓу граѓаните дека таквите критики се нарачани од партиските штабови, дека претставуваат партиски задачи за лојалното членство кое наводно не размислува со своја глава, а кое за мали, ситни хонорари е подготвено да заземе туѓ став, да испише наложен коментар и сл. Модерниот израз за овие луѓе е – партиски ботови. Се разбира, тие постојат во секоја политичка партија, кај нас и секаде во светот. Но јас не зборувам за нив. Зборувам за луѓето што имаат постигнато одреден успех во својата професија, кои се едуцирани, кои уживаат некаков авторитет во одредена помала или поголема средина, за личности кои поседуваат харизма или едноставно низ годините имаат стекнато моќ да влијаат на туѓо однесување или во најмала рака, на туѓото размислување.

Тие не се партиски ботови. Тие се најчесто (или така милуваат да се претставуваат) непартиски или натпартиски лица. Тие навистина не примаат партиски наредби ниту, пак, некој се обидува да им издаде таков вид наредби (покоректен термин е наметнување или споделување партиски тези). А, сепак, заземаат политички ставови (ставови кон одредени политики) кои често варираат, понекогаш се случува нивните ставови и да се конфронтираат во зависност во кој временски период се искажани, истапуваат во јавноста, бараат простор за промоција, се обидуваат да го креираат и обликуваат јавното мислење.

Секој од нас може да изведе едноставен експеримент и да направи сопствено мини истражување. Замислете пет личности чии ставови често или повремено ги гледате, слушате или читате во медиумите или социјалните мрежи, а тоа да не се политичари, ниту партиски кадри. Ви се допаѓаат како зборуваат, како ги презентираат тезите, како ја напаѓаат/поддржуваат актуелната власт или состојба. Можете ли секој од петтемина да се сетите кога ја започнал својата јавна критичка активност: последнава деценија, последниве години, последниве месеци? Дали секој од петтемина се држи до истиот став што го имал/а пред повеќе години? Дали пред години секој од нив зборувал/а за истата тема (можеби дури политика на однесување, состојба) за која гласно говори денес?

Можеби некои читатели ќе успеат да најдат и повеќе од петмина критичари со конзистентни ставови за одредени општествени појави во континуитет. Јас едвај можам да се сетам на неколкумина кои се занимаваат со одредена професија и години наназад се заземаат (борат) јавно за наметнување на подобри решенија, политики и постапки во нивната професија или област со која се занимаваат. И тоа сознание ме поразува.

На пример, не можам да се израдувам на гласно искажаниот став на сè помногубројните поддржувачи на тезата дека врз власта мора да се изврши притисок за зголемување на платите на универзитетските професори, иако сум прв заговорник на оваа теза. Зошто? Затоа што платата која јас и моите колеги ја добиваме од државата не е променета ниту за денар со години. Можеби и децении. Јавноста треба да знае дека платата што државата ја издвојува за универзитетски редовен професор на најстариот и најдобро рангираниот свој универзитет изнесува во просек околу 36.000 денари. И, тоа не е од денес, ниту од вчера. Вака е годиништа наназад.

И исто толку години наназад секој факултет се бори и обидува преку својата апликативна, научна, која било друга дополнителна дејност да обезбеди средства со кои ќе овозможи барем пристоен живот на своите вработени научници, доктори на науки, магистри, истражувачи, предавачи, испитувачи, пренесувачи на знаење, обучувачи. Деновиве сè погласно и почесто се зборува за протест на универзитетскиот кадар, за бојкот на наставата, за јавно барање за зголемување на нашите плати, за подобрување на мизерните услови во кои се студира и работи, за продолжување на прекинатата меѓународната соработка со светските универзитети заради недостиг на финансиски средства итн. Тоа е добро. Тоа е знак дека почнуваме (повторно) да биваме отворено општество.

Но само пред неколку години, добар дел од универзитетските професори не беа ни прашани, на пример, дали имаат потреба во работата да користат преводи на учебници избрани од извршната власт, а кои се неупотребливи за нивната настава и кои никогаш нема да стигнат во рацете на студентите, а од чие преведување и печатење мал број ситни партиски бизнисмени и активисти ќе заработат убави пари. Колку и да не се согласуваа со ваквите „политики“ голем дел од професорите молчеа и не говореа гласно. Во јавноста бевме прикажувани како натрапници, остаток од минатото, елитисти кои се одродени од народот, а беа славени медиокритетите, лицата кои студираат и никако да завршат заради тешката економска состојба на нивните родители, политичарите кои се здобиваа со дипломи откако ќе дојдеа на власт и функција! И тоа поминуваше во општеството.

Поминуваше затоа што се базираше на пропаганда дека секој може да биде универзитетски професор, доктор на науки, секој млад човек мора да дипломира, цената на студиите се девалвираше, а почитта кон интелектуалците се исмејуваше. Најголем грев беше да се потекнува од успешни родители, од мајка или татко кои оставиле белег во општеството со својата интелектуална работа. Цела деценија на голем број факултети и универзитети се насадуваше партискиот апарат претворајќи го преку ноќ во универзитетски кадар, од носители на политички и државни функции, па сè до нивните секретарки кои стануваа научници и универзитетски наставници. Тогаш ниту гласно се зборуваше за квалитет во високо образование ниту протести се спомнуваа (со исклучок на стотина одважни асистенти, доценти и професори кои во 2011 година се собраа на платото на УКИМ за да ја изразат својата загриженост за универзитетската автономија) ниту, пак, инспектори носеа решенија за поништување на изборите во наставно-научни звања на политичарите. Истиот тој инспектор кој не најде никакво политичко влијание и незаконитост во вработувањето на политичари како професори цели 11 години, денес претставува медиумска ѕвезда и ја забавува јавноста со неговите правно ништовни решенија.

Денес гласно зборуваме за нереформираното правосудство. За надвладување на политиката врз правото. За селективната правда. За креирање на законите зад затворени врати. Секој што има пријател на пријател правник дава мислење и критики за статусот на СЈО, за големата изгледност за инволвираност на политичари од власта во коруптивни афери, за конфликтот на интереси на носители на јавни функции, за непотизмот во администрацијата, за трошењето буџетски пари на потребни или непотребни, оправдани или неоправдани, стручни или нестручни советници во канцеларијата на премиерот. Меѓу овие денешни фејсбук-критичари (на чии аргументирани критики се приклучувам целосно) не можам да посочам барем половина кои истово ова го зборуваа или пишуваа на своите профили кога се носеше законот со кој се измислија премиерските советници во неограничен број. Не можам да се сетам на медиум кој ги објави имињата на советниците на претходниот премиер и нивните примања. Немаше антикорупциска што се занимаваше со непотизмот во Владата, ниту со конфликтот на интереси и надоместоците на влијателни лица кои членуваа во три, четири, пет и повеќе органи на управување на разни јавни и приватни институции. Ниту еден, или можеби малкумина од денешните критичари на специјалната обвинителка кои се чувствуваат разочарано и предадено не кажаа ни збор кога таа го криеше буџетот на обвинителството, висината на нејзината плата, на останатите обвинители и хонорарите на соработниците. А, тоа беа јавни пари, наши пари. Ама тогаш критичката острица не им беше доволно остра?

Затоа, се прашувам, од што зависи слободата на критиката во нашава држава? Очигледно од начинот на практикување на власт на владејачкото мнозинство. И тоа е тажно бидејќи во секоја нормална држава степенот на слободата на мислата зависи од степенот на развој на општествената свест, независно кој управува со државата.

Нам ни е потребна сериозна анализа која ќе ни покаже од што се мотивирани ставовите на македонските „опинион мејкери“. Дали е тоа идеологија, партиска припадност, образовната заднина на секој од нив или „пазарната ориентација“ (дил-ориентед според терминологијата на бившиот ни премиер). Ако резултатите покажат дека кај мнозинството наши мислители, аналитичари и борци за демократија главна мотивациска сила претставува ова последното, тогаш нам ни нема спас.