Многу кандидати за странски потрчковци во Македонија

Она што паѓа во очи кога Украинците умираат за да си ја одбранат државата, е колку има политичари кај нас што одработуваат за туѓи интереси со кои Македонија нема ништо заедничко


Рускиот амбасадор Сергеј Баздникин со претставниците на проруската партија Родина
 
Руската амбасада во Македонија почна да ги користи  своите политички филијали во земјата. По средбата и фотосесијата со лидерот на Левица, Димитар Апасиев, рускиот амбасадор Сергеј Баздникин вчера се сликаше со раководството на проруската партија Родина, која го собра околу себе новинарското подземје и преку социјалните медиуми шири антивладина, анти-НАТО анти ЕУ и други анти политики.
 
Оваа партија на некој начин ја презеде улогата што ја имаше Единствена Македонија на Јанко Бачев која отворено се декларира со години како проруска партија, се залага за влез на Македонија во Евроазиската унија, за излез од НАТО и слични политички небулози.
 
 
Она што паѓа во очи сега, кога Украинците умираат за да си ја одбранат државата, е колку има  политичари во Македонија што се подготвени да ја продадат нашата, т.е. да одработуваат за некои туѓи интереси со кои Македонија нема ништо заедничко, како автократија, окупација, непризнавање на сувереност, убивање цивили  и слично. Откако рускиот амбасадор ги искористи за своја политичка цел, Борислав Крмов од Левица деновиве се бранеше дека преставата  за неговата партија како русофилска е погрешна.
 
„Ние јасно му кажавме на амбасадорот дека ние и од позиција на власт би сакале да имаме одврзани раце да преговараме во однос на нашите национални интереси, со сите т.н. четири големи играчи во светот: ЕУ, Кина, САД и Руската федерација. И Хрватска, која е членка на НАТО, најексплицитно кажа дека нема да праќа нивни војници на фронтот на Украина. Ние сме слаба држава, која целосно зависи од рускиот гас и единствено решение во вакви околности, што ги штити македонските интереси, е што поголема неутралност“, ја објаснуваше Крмов позицијата на својата партија, т.е. фактот дека се сликаа и дадоа поддршка на руски амбасадор и тоа на средба во македонското Собрание во време кога неговата земја врши неоправдана воена агресија на суверена земја.
 
 
Русија не е единствената земја која има свои политички и други филијали во нашата држава, каде што со  несфатлива незаинтересираност се толерира влезот на странски пари во политичките партии и со нив и странско влијание. Такви се се побројните здруженија и партии на „дискриминираните Бугари“ во Македонија кои функционираат како на далечинско, односно секогаш кога и требаат на Софија одат на средба, праќаат писма, се жалат на нерамноправност и слично, иако Македонија им е матичната држава.
 
 
Слични тенденции се видени и кај некои од турските партии во Македонија кои ѝ даваат предност на политиката на турската влада пред македонската, а славната фотографија на лидерот на ДУИ Али Ахмети со албанскиот дел од владата на визита во Тирана направи да изгледа патронизирана од Тирана и од Приштина и оваа моќна партија во Македонија.
 
Ако на ова се додадат и фабриките за лаги на социјалните мрежи и квази порталите зад кои не се знае кој стои, јасно е на што се должи конфузијата во главите на обичните граѓани кои живеат во демократија, а во континуитет „плачат“ за сите диктаторски режими што беа урнати – од Моамер Ел Гадафи до Слободан Милошевиќ. Сега пак  му се восхитуваат на Владимир Путин додека убива Украинци. 
 
 

 

Поранешниот шеф  за комуникации на Владата, Марјан Забречанец, утрово за „Утрински брифинг“ рече дека има повеќе групи и сајтови во земјата што вршат проруска пропаганда, но најактивни се „Родина“, „Бојкотирај северна окупација“, „Дали крајот вака мириса“, „Кукузел“ и „Налет да се сторите“. Тој  ја  искоментира исто така содржината на тие сајтови:     

„Се поставуваат слики од лидерот на Левица со Путин со наслов ‘Конечно некој нормален’. Ако тоа е нормално, тогаш мнозинството излегува дека е ненормално“, вели Забрчанец.

Тој напомена дека Македонија успеа да ја исклучи  руската телевизија РТ од етерот.

„Мислам дека руската пропаганда ќе се замори. Македонците доминантно се за НАТО, ЕУ и демократија. Македонскиот народ има чувства кон Русија, но е против војна“, вели Забрчанец. (Н.В.)