Многу е важно да твориме и да се читаме, среде несигурниот свет каде вредностите се разнишани, вели лауреатот Иван Штрпка

Во случајот со поезијата на Иван Штрпка може да се каже дека - она кое постигнало степен на совршенство, не познава просторни и временски граници, истакна на поетскиот портрет на лауреатот на СВП, во црквата „Св. Софија“, академик Катица Ќулавкова


Со традиционалниот поетски портрет на лауреатот на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2025 година, словачкиот поет Иван Штрпка, во црквата „Света Софија“ во Охрид, продолжи 64. издание на меѓународната поетска манифестација.

Годинешниот лауреат во своето обраќање во црквата „Света Софија“ потенцираше дека задоволството е големо што токму тој се вброи во друштвото одлични поети од целиот свет.

„За мене е голема чест и признание да ја примам во Македонија наградата „Златен венец“ на еден од најзначајните меѓународни фестивали на современиот свет на поезијата без граници, во Струга. Воедно е и голема сатисфакција да влезам на тој начин во прекрасното друштво на одлични поети од целиот поетски свет, толку важни во сето ова време и за мене. Да се читаме, да се пишуваме, да се истражуваме подлабоко! Нашиот отворен, однапред недовршен повеќеслоен јазик може да биде овде индивидуален, а притоа единствено заеднички. Можеме попрецизно и подлабоко да се разбереме. Тоа е првичниот јазик што се создава во нас и со нас од почетокот. Тоа е важно особено денес, среде несигурниот свет во кој вредностите на нашата перцепција и неговите визии се мошне небезбедно разнишани“, рече Штрпка.

Како член на Советот за доделување на „Златниот венец“, академик Катица Ќулавкова во својата беседа потенцираше дека поезијата на Иван Штрпка е книжевна и духовна придобивка која ги надминува рамките на Словачка.

„Поезијата на Иван Штрпка има интимна, медитативна, комуникативна и антрополошка димензија. Отвореноста, огледалноста и интертекстуалноста ја прават посебна, оригинална и пријателски настроена спрема читателот. И во случајот со поезијата на Иван Штрпка може да се каже дека – она кое постигнало степен на совршенство, не познава просторни и временски граници.Штрпка е илуминативен пример на духот на модерната словачка поезија која се спротивставува на поетичките и политичките канони наследени од поствоениот комунистички чехословачки амбиент и хронотоп, а се отвора спрема светот и го покажува својот сензибилитет спрема т.н. вечни теми на поезијата, теми профани, теми филозофски, теми етички, теми естетски“, истакна Ќулавкова.

Манифестацијата продолжува со меѓународните поетски читања „Созвучја“ и музичко-поетски перформанс „Ноќ без интерпукција“

Фестивалот завршува утре со манифестацијата „Мостови“ на Мостот на поезијата, со поетски читања и врачување на највисоките признанија, наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“.