Младите во Македонија и во Црна Гора најдоцна се осамостојуваат од своите родители


Младите во Северна Македонија и во Црна Гора најдоцна во Европа ги напуштаат домовите на своите родители, покажува анализата на статистичкиот портал „Ландгеист“, базирана на податоци на Евростат.

Балканот е на врвот на оваа листа. Младите во Црна Гора во просек остануваат да живеат со своите родители до 33,3 години, во Северна Македонија до 32,1, во Хрватска 31,8, во Србија до 31,5, Грција 30,6, а во Бугарија до 30 години.

Во Јужна Европа и на Балканот, повеќе од половина од луѓето на возраст од 20-25 години живеат со своите родители. Во Северна Европа, пак, овој процент е под 20%, па дури и под 10%.

Најрано од домовите на нивните родители си заминуваат младите во скандинавските земји. Со просечна возраст од 21,4 години, младите Финци се тие кои најрано за заминуваат. Веднаш зад нив се Данците и Швеѓаните на 21,8, па Норвежаните на 22,5 години.

Меѓу западновропските земаји, најдолго со своите родители остануваат да живеат младите Шпанци и Португалци, до 30,4 односно до 29,1 годишна возраст. Младите Британци, пак, се осамостојуваат на 24,6, Германците на 23,9, а Французите на 23,7 години.