Младите од Европа учат во Струга како да решаваат конфликти


Вкупно 35 млади од петнаесет земји низ Европа учествуваат на десетдневниот семинар (Get updated – project for professional development of youth workers) во Струга каде воглавно учат како да се справат со конфликтни ситуации. Во тренинг курсот за надоградување на способностите на младинските работници што го организираат Волонтерскиот центар Скопје и ФАЈО фондацијата од Велика Британија, учесниците имаат шанса да разменат пракси и знаења на младинските работници од различни земји.

„Ова е одлично искуство за мене, затоа што научив многу за менаџментот со конфликти, што ќе ми биде од корист во иднина, затоа што планирам да студирам социјалнма работа“, вели Елена Атанасовски од Осиек, Хрватска.

Ова е втора фаза од проектот во рамките на „Еразмус +“ програмата на Европската комисија, а воведната се одржа во Велика Британија, каде се учеше за емоционалната интелегенција.

„Поентата на тренингот да се развијат младинските работници во полето на емоционалната интелегенција, комуникација и управување со конфликт менаџментот“, вели Вафире Мухареми од ВЦС.

Али Алија, која е директор на фондацијата „ФАЈО“ уверува дека обуката во Струга ги надминала нејзините очекувања.

„Главната цел ни беше да пораснат капацитетите на младинските работници. Моите очекувања од старт беа високи, но ваква компетитивност не очекував. Се надевам дека повторно ќе дојдам во Струга и во Македонија“, воодушевена е Алија.

На обуката присуствуваат претставници на Македонија, Италија, Шпанија, Германија, Полска, Хрватска, Грција, Бугарија, Велика Британија, Ирска, Норвешка, Шведска, Финска, Унгарија и од Романија.

„Проектот и темата што ги разработуваме ќе бидат поприлични за мојата наредна комуникација на работното место. Мора да се соочиме со различни типови луѓе, зашто сите знаеме дека клуч на еден успешен однос е комуникација. За жал, многу често не знаеме како да им пристапиме на луѓето и како да започнеме одреден вид на разговор или комуникација“, вели Стефанија Стефаноска од Прилеп.

Никола Станкоски, директор на ВЦС, објаснува дека неговата организација преку „Еразмус +“ програмата им овозможува на младите лица од Македонија и од Европа да стекнат уникатно искуство преку разни проекти, размени, семинари и обуки и неформално образование.

„Притоа, запознаваат разни култури, обичаи и животни искуства со кои ги развиваат своите капацитети и својата личност“, заклучува Станкоски.