Младите лекари спасот го гледаат надвор од државата, а владата ветува повисоки плати догодина
Младите лекари специјализанти спасот го бараат надвор од државата поради лошите услови кои ги имаат. Моментално во фокусот на здравствените власти се пресметките како да се зголемат платите на специјалистите, а токму поради тоа реагираат и специјализантите.
Имено, министерот Филипче имаше големи ветувања и за нив и нивната состојба која не е решена. Засега успеа да оствари едно, додека за останатите ветувања се уште чекаат. Младите специјализанти се разочарани од ветувањата и условите во кои работат и притоа да бидат платени, како и без здравствено и пензиско осигурување, иако често дежураат и по 18, односно 24 часа.
И додека чекаат решение на ситуацијата, дел од разочараните млади лекари специјализанти сериозно размислуваат да заминат и да работат во Косово поради драстично подобрените услови за работа која ги нуди соседната земја, односно дури 100% зголемените плати за сите здравствени работници, што секако е примамливо и за младите лекари од нашата држава.
Клубот на млади лекари спроведе истражувања меѓу студентите по медицина, а според резултатите дури 1.200 лекари на возраст до 35 години во последните неколку години ја напуштиле Македонија. Исто така, доста честа појава кај студентите по медицина, паралелно со студиите, е и изучувањето на германскиот јазик, со цел својот професионален ангажман да го започнат во Германија.
Од друга страна, министерот за здравство Филипче со зголемени плати за лекарите специјалисти ќе се обиде да го задржи медицинскиот кадар. Во моментов се прават анализи и пресметки за тоа колкава сума на пари се потребни од буџетот на државата за догодина да го оствари даденото ветување за повисока плата.
„Во овој момент се прават пресметки за тоа колкава сума на пари од централниот буџет треба да се одобри и да се зголемат дополнително платите на лекарите специјалисти, со цел согласно нашите ветувања следната година да стигнат до 100 илјади денари. Не ги забораваме и медицински сестри и средниот персонал кој е составен дел во работата на сите јавни здравствени институции за зголемување и на нивните примања“, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Паралелно се одвива јавна дебата за новиот Закон за лекарска дејност, а младите лекари специјализанти го поддржуваат истиот. Во него од Лекарската комора предложиле – колку повисока докторска функција, толку поголема плата што може да значи најмногу 1600 евра плата.
Нивната последна надеж е дека министерот Венко Филипче ќе го исполни своето ветување, за зголемување на платите за медицинскиот персонал. Според ветувањата платите на лекарите треба до крајот на 2020 година да достигнат 100.000 денари.