Младенов: Бугарите од Северна Македонија во срце ја носат нејзината државност


Со Договор за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија покажавме дека таму каде што има политичка волја и идеја за прогрес, отворените прашања лесно се решаваат, рече премиерот Зоран Заев денеска во обраќањето на свеченоста по повод 11-годишнината од основањето на Бугарскиот Културен Клуб во нашата земја.

Двете земји, како што додаде, направија историски чекор напред. – Го поставивме минатото како темел на иднината. Во договорот нема дилеми дека се работи за две држави, два народи и два јазици. Со договорот се определивме заедно да ја спречуваме недобронамерната пропаганда доколку се појави внатре во државите, заедно да бидеме против говорот на омраза и заедно да го поразиме национализмот, истакна Заев.

Пријателството, како што додаде, никогаш не било поголемо и постојано расте и се засилува, создадени се силни инструменти за надминување на недоразбирањата и градење на трајно сојузништво.

-Во таа насока Здружението на граѓани Бугарски културен клуб во нашата земја има значајно место. Тоа е јасно определено и во мисијата на здружението кое ја има за цел неопходноста од зближување и меѓукултурна толеранција на културите на соседните држави. Заедничка е и взаемната заложба за создавање реални услови за искажување на културниот идентитет и реализација на индивидуалните права во контекст на мултикултурното општество, како и афирмација на културните вредности и културните традиции на граѓаните на Северна Македонија кои се определуваат како Бугари, истакна премиерот Заев.

На свеченоста по повод годишнината на Бугарскиот Културен Клуб во нашата земја се обрати и претседателот на Управниот одбор на здружението, Лазар Младенов, кој истакна дека темата за Бугарите во Северна Македонија не е веќе табу и дека веруваат во искрените настојувања за градење на едно општество за сите.

-Ние декларираните Бугари од Северна Македонија, во срце ја носиме нејзината државност, од почетокот на плурализмот до денес. Затоа што сме државотворни, излеговме на големиот митинг на опозицијата на 17 мај 2015 година, со клупските знамиња, со бугарското знаме, за да покажеме дека сме тука и да кажеме дека не ни е сеедно што се случува во земјата! Без да условуваме, без да бараме нешто специјално, освен она што беше ветено, а еве сега веќе се остварува, рече Младенов .

На денешниот настан по повод годишнината на Бугарскиот Културен Клуб, како гостин присуствуваше поранешниот претседател на Република Бугарија, Росен Плевнелиев.

-Изминатите години се изнагледавме сценарија за делби. Република Северна Македонија беше изолирана и затворена во пропаганда што ја попречи прекрасната држава да оди напред. Сега на Балканот сите сме определени за мир. Тој мир е возможен само кога нациите се обединуваат и интегрираат. Така се случи и Западна Европа кога челниците и политичарите се држеа заедно. Затоа и вас ви посакувам да го сторите истото, да ја отворите државата оти имате многу да кажете, нагласи во своето обраќање поранешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев.

Со видео пораки присутните на свеченоста ги поздравија и европратеникот од Република Бугарија Андреј Ковачев и претседателот на Партијата на Европските социјалисти, Сергеј Станишев, кои ја истакнаа улогата на Република Северна Македонија во промоцијата на правата на сите заедници во земјата соодветно на стандардите на ЕУ, и порачаа дека земјата има силна поддршка од Република Бугарија и од нејзините граѓани во напредокот на земјата во нејзините евро-атлантски аспирации, соопшти владината прес-служба.