Млад земјоделец не се станува со 10 илјади евра

Метин Куртов од Конче, кој обработува 80 хектари, вели дека државната помош од 10 илјади евра не е доволна за младите да останат на село и да почнат битка со земјоделството. Требаат услови за живот, вода, патишта по селата


На површина од 20 хектари, Метин Куртов има засадено лозја од сортите „ризлинг“ и  „каберне совињон“

 

БИТОЛА – Најтешката работа на секоја власт е да ги задржи младите да останат во руралните средини, да се занимаваат со производство на храна или да чуваат стока. Но, ретко кој млад човек се решава да остане в село и да работи земјоделие, сточарство, кога ги нема основните услови за живот: чиста вода, патишта, инфраструктура.

Министерството за земјоделство објави јавен повик за помош од 600.000 денари (околу 10 илјади евра) на млади земјоделци на возраст од 18-40 години кои за прв пат почнуваат да се занимаваат со земјоделство. Дополнителен услов за неповратниот грант беше апликантите да се запишани во регистарот на земјоделски стопанства во последните 18 месеци и да имаат деловен план за нова инвестиција. Прашањето кое отворено го поставуваат младите е дали овие пари се доволни за млад човек се реши да започне да се занимава со земјоделие?  

Младиот земјоделец Метин Куртов има 35 години, живее во село Конче, општина Конче, радовишко, се смета за еден од покрупните земјоделски стопанства во тој крај со обработување на околу 80 хектари земја (од нив 60 хектари се под концесија).   

Метин вели дека останал в село, бидејќи е растен со земјоделие, но состојбите во руралните средини ги одвраќаат младите да продолжат да ја обработуваат земјата од дедо, прадедо иако се растени на нива.

„Државна помош од 10 илјади евра не е доволна за младите да останат на село и да почнат битка со земјоделството. Тоа не се пари за да ги издржат сите трошоци за едно земјоделско производство, прво со тие пари не ќе може ни трактор да си купи, а камоли приклучна механизација, репроматеријали, семиња… Тука нема математика. А што е најважно, во селата нема чиста вода за пиење, нема соодветно патно поврзување со поголемите населени места, а за полските патишта да не зборувам, на нива не можеме да изораме ако не си го исчистиме прво патот од паднати дрва и треви“, изјави Метин за „Зелена берза“.

Во селото Конче во летните месеци нема вода од попладне до рано утрото, па навиката да се живее без пристап до чиста вода за пиење не е лесно, вели нашиот земјоделец.

Оттука младиот земјоделец раскажува дека останал в село заради семејната традиција, но дека таа традиција на многумина млади луѓе веќе не им е битна па наместо земјоделие се определуваат за работа в град.

„Земјоделието е голем ризик, големи трошоци, вложување и на пари и на труд и една голема несигурност. Климата се менува, нема дождови во нашиот крај, а пролетните мразеви зачестија и остануваме без род на нивите. Трошоците се големи, математиката незидржлива“, вели Метин.   

Земјоделецот од Конче обработува 60 хектари под пченица, годинава ја предал за 11 денари од килограм со приноси од 4 до 4,2 тони по хектар. Вели дека за разлика од лани кога по хектар имал и над 5 тони род, сега поради сушата има намалени приноси. За производството на пченица вели дека трошоците растат а цената на пченицата е ланска. Единствено некако се „покриваат“ со субвенциите кои за повеќе мерки достигнуваа вкупно до 19.000 денари по хектар.

Метин Куртов во лозјето

На површина од 20 хектари, Метин има засадено лозја од сортите „ризлинг“ и  „каберне совињон“. Оваа сезона набрал 170 тони „ризлинг“ и го предал на охридска винарија. „Каберне совињон“ допрва ќе го бере, а очекува род од 10 тони.

„Ризлингот“ го дал на откуп по 26 денари за килограм, и тука Метин ја објаснува тежината, ризикот и трошоците за бербата што не може секој земјоделец да ги поднесе. Тој вели дека дневно за 35 до 40 аргати плаќа по 2.000 евра, берат од 13 до 15 тони грозје.

„Грозјето го беревме девет дена, секој ден само за дневница за грозјеберачите плаќав по 2.000 евра, значи вкупно 18.000 евра платив во старт трошок. Ова значи дека 26 денари од килограм грозје, 6 одат за работниците“, пресметува Метин и додава дека трошоците можат да се покријат во мал дел само со редовна исплата на субвенциите. За 20 хектари под лозје, годишно зема околу 600.000 денари субвенции.

Според него, и субвенциите за грозјето се нелогични, колку помали површини, толку повисока субвенција. Односно до 10 хектари лозје субвенцијата е 4.600 од хектар, а над 10 хектари се намалува на 2.400 денари по хектар. Ваквата државна поддршка не ги стимулира лозарите.

„Не те охрабруваат – колку си поголем производител, толку си скратен со субвенциите“, вели Метин и додава дека истото се случува и со зелената нафта каде максимум субвенции се 100.000 денари и не се исплаќаат редовно.

Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски деновиве најави дека  посебен акцент става на младите земјоделци и вели дека мерките веќе даваат конкретни резултати.

Трипуновски информираше дека на јавниот повик за млади земјоделци пристигнале вкупно 254 апликации, од кои се одобрени 117. Тој нагласи дека во наредната година ќе бидат објавени и нови програми наменети за младите земјоделци.