Мишел: Никогаш досега не сте биле толку блиску до ЕУ, речете „да“

Мишел нагласи дека нашиот јазик е македонски и дека ЕУ го почитува тој факт. Тој се обрати со зборовите „Драги Македонци“


Шарл Мишел потврди дека европското законодавство ќе биде преведено на македонски јазик (Фото: Б. Грданоски)

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, порача денес од прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски дека одлуката треба ние самите да ја донесеме, но тој гледа балансирано решение во францускиот предлог и гледа можност за Македонија да стане дел од ЕУ – каде што ѝ е местото.

Според него, нашата држава никогаш досега не била толку блиску до ваквата одлука па затоа повика да речеме „да“, за да се случи веднаш меѓувладината конференција, а потоа да следат другите чекори. Тој нагласи дека наш јазик е македонскиот и дека ЕУ го почитува тој факт, потврдувајќи  дека законодавството на Унијата ќе биде преведено на нашиот јазик.  

„Македонци, имате историска можност да кажете – ДА. ДА за почеток на преговорите, ДА на ЕУ, ДА за нашите деца. Вашата земја има можност уште еднаш да стане првак во проширувањето, тоа ќе внесе нова динамика, нови реформи кои ќе ве приближат до ЕУ, а тоа ќе доведе до поголем просперитет, стабилност и отпорност на вашиот народ“, рече Мишел.

„Со овој предлог, додаде тој, јасно дискутираме за македонскиот јазик, тој е ваш јазик и предлогот го почитува тоа. Целото европско законодавството ќе биде преведено на македонски јазик. Свесни сме за загриженоста што ја изразија некои луѓе во врска со вашиот национален идентитет и може да сметате на мојата целосна поддршка како претседател на Европскиот совет дека систематски ќе стојам зад вашите легитимни прави. Секако добрососедските односи се неопходен елемент во процесот на проширување“,уверуваше Мишел.

Тој вели дека земјава може да смета на политичка и финансиска поддршка, а она што е уште поважно, додава тој, е што земјава може да очекува почитување и лојалност од ЕУ.

„Почитуван Димитар, почитувани Македонци, само заедно можеме да се соочиме со огромните предизвици и да живееме во просперитет и безбедност и само заедно можеме да ги надминеме пречките“, рече Мишел.

Тој, нагласувајќи дека зборува како пријател, порача дека  оваа можност е премногу важна за да се пропушти.

„Дојдов во Скопје во клучен момент за Македонија и за ЕУ. Ја споделив мојата лична убеденост дека иднината на моите и на сите деца ќе биде посигурна со Западниот Балкан во Унијата.  Решивме да го енергизираме процесот на проширување во регионот“, објасни Мишел пред новинарите.

Прашан дали има налчин и каков да се спречи Бугарија во процесот на преговори да не ја блокира земјата врз основа на билатерални теми, Мишел рече дека со почетокот на преговорите паралелно во реципрочен процес би било возможно да се дојде до решенија што ќе бидат потребни за да се идентификува кои се темите што ќе бидат решавани на билатерално ниво, како и дека може да сметаме на него и на институциите на ЕУ дека процесот ќе напредува.

– Јас во мое својство на претседател на ЕС ќе направам се што можам да спречам некој да се обиде да го расипе овој процес со теми коишто нема да бидат легитимни, што значи дека ние тука имаме заеднички принципи, заеднички вредности, тука сакаме да ги споделуваме овие вредности со луѓето од Северна Македонија и споменав дека оваа земја е одличен пример за мултиетничка земја и битно е да го одржиме тоа, изјави Мишел.

Околу дилемата, зошто е направен преседан земјава да преговара со ЕУ за теми кои се билатерални, Мишел негираше дека е така, односно дека не е тајна дека добрососедските односи се дел од пристапниот процес за Западен Балкан.

– Тоа е првиот битен елемент и битна поента, изјави Мишел.

Ковачевски изрази благодарност за поддршката од ЕУ, од европските земји, САД и другите пријатели и соседи за европскиот модифициран предлог кој ќе овозможи почеток на преговорите.

„Владата, јас како премиер и надлежните институции одговорно ги застапуваме нашите позиции и затоа имаме поволен предлог. Граѓаните на Македонија заслужуваат нивниот глас да биде чуен одвнатре и да бидат еднакви со останатите членки на ЕУ“, рече премиерот. Според него, во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик, без никави фусноти. „Македонскиот народ, нагласи тој, никој не успеал  досега да го асимилира, ниту ќе го асимилира, а отворените прашања треба да бидат затворени, но не додека не бидат праведни и за нашата страна“. 

Тој повтори дека протоколот не е нотиран во преговарачката рамка  и е билатерален документ.

„Европската преговарачка рамка и протоколот се два неповрзани документи. Овој европски предлог овозможува безусловен старт на преговорите на Македонија со ЕУ, веднаш по донесувањето на нашата одлука за прифаќање на предлогот. Од овие причини не треба повеќе да чекаме. Да размислуваме мудро и рационално, да размислуваме за иднината на нашите деца. Да се држиме на фактите и до документите кои се достапни. Го штитиме националниот интерес и македонскиот национален идентитет. Да ја искористиме оваа можност“, рече Ковачевски. 

Тој негираше дека на седницата на Владата на која беше и Мишел се носела одлука за францускиот предлог и посочи дека посетата на претседателот на Европскиот совет дошла по негова иницијатива и дека не е дел од настојувања на Брисел да го убеди да се прифати предлогот.

„Не се работи дали претседателот Мишел ќе убеди некого, дали претседател на влада ќе убеди некого, дали министер ќе убеди некого, потенцира премиерот, работата е претставниците на народот, политичките партии, пратениците во Собранието да донесат одлука дали државата ќе отпочне преговори со ЕУ или државата нема да отпочне преговори со ЕУ и тоа е одлуката која што е пред нас“, рече Ковачевски. 

 

Според него, граѓаните  заслужуваат да живеат како дел од европското семејство, по европски стандарди делејќи ги европските вредности, заслужуваат нивниот глас да биде чуен одвнатре, да биде еднаков со сите останати земји членки на Европската Унија и да имаат збор во донесувањето на најважните одлучи кои ја засегаат Европа.

Одговарајќи на новинарската забелешка дека три партии не се согласуваат со овој предлог, тој беше дециден дека коалицијата е стабилна и посочи дека денеска имаше седница на Влада на која биле присутни сите министри. Наедно тој рече дека Собранието е местото каде што политичките партии треба да разговараат, откако ќе заврши консултативниот процес на кој се презентира предлогот.

„Сметам дека претседателот Шарл Мишел беше јасен во својата експликација,  дека ние имаме предлог кој ни овозможува веднаш отпочнување на преговори со ЕУ . На Собранието е да одлучи дали ќе донесеме одлука да ги отпочнеме преговорите и со какви заклучоци – и за тоа треба да разговараат претставниците на политичките партии, тоа се искусни членови на Парламентот и како такво да го дадат на Владата да го спроведе, да го операционализира во врска со одлуката која Собранието ќе ја донесе“, рече тој.  Откако Владата ќе добие заклучоци од Собранието официјално ќе достави одговор до ЕУ.

На крајот премиерот рече дека она што се случува од Владата е организирано од политичките партии кои јасно застанале против членството во ЕУ и НАТО.

„Секој во оваа држава може да протестира, и јас сум протестирал. Но, никогаш не се случило, освен еднаш и сега вторпат, да протестираат луѓе кои носат качулки и да гаѓаат полиција“, рече Ковачевски оценувајќи дека тоа е недозволиво. Особено што предлогот доаѓа од 27 земји членки на ЕУ, што документот е јавен, никој од никого не го крие, и за тоа не им се виновни  полицајците за да бидат напаѓани, па ни зградата на Владата.

-Протестот е демократско право и секој граѓанин може да се го изрази својот став. Тоа треба да биде во рамки на законите. Се надевам дека така ќе биде. Вчера имавме четворица повредени полицајци. Денеска се планира нешто што не доликува на земја членка на НАТО, рече Ковачевски.

Претходно од Владата соопштија дека на  средбата, од која дел во четири очи, Ковачевски и Мишел нагласиле дека  европскиот предлог за отпочнување на преговорите ги вклучува сите македонски позиции и забелешки и дека преговорите може да почнат веднаш по одобрување на истиот. Предлогот, истакнале тие, предвидува чист македонски јазик, еднаков со останатите јазици на земјите членки на ЕУ.

Мишел уште еднаш ја истакнал  поддршката и заложбата на Европската унија за почеток на преговорите со Северна Македонија, посочувајќи дека ова се клучни моменти за напредокот на нашата држава од економски, политички и социолошки аспект.