Мишел ја откачи Левица, не ја покани на средба


Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел имаше средба со сите политички партии во Парламентот, но не и со Левица. Како што се дознава ЕУ не сакала да ја покани оваа партија на средбата кај спикерот Талат Џафери, неформално ставајќи ја на црната листа на ЕУ. 

Како што се дознава по средбата, до крајот на неделата треба да се одржи  седницата за „францускиот предлог “, а дотогаш според премиерот Димитар Ковачевски координаторите на пратеничките групи ќе работат на заеднички заклучоци околу предлогот. Но, ВМРО-ДПМНЕ тврдат поинаку, дека на нивно барање ќе се формира работна група со двајца претставници на ВМРО-ДПМНЕ, двајца на СДСМ и по еден претставник од ДУИ, Алијанса за Албанците и од помалите партии.Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ излезе со став кои ќе бидат нивните барања. „Да се избришат членот 11 и членот 14 од Протоколот а потоа во Преговарачката рамка каде што имаме принципи врз кои што се водат преговорите а ги избришат членовите каде што се годишните прегледи и делот на кој што се повикува Протоколот на Првата меѓувладина конференција. Штом се става на маса да се разговара и има желба да се разговара очигледно има можност да се најдат одредени поместувања по однос на сите овие ситуации“, вели Никола Мицевски.

Еврофункционерот  претходно  имаше средба и со помалите политички партии во Владата, Демократскиот сојуз, ЛДП, НСДП и ДОМ кои изразија несогласување со францускиот предлог . Сепак на средбата која подолго од планираното тие му порачале на Мишел дека  е добро во процесот да биде вклучен и парламентот преку работна група која би дала свои заклучоци. Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов вели дека тие заклучоци би биле обврзувачки за Владата, а според него се уште има простор за корекција на францускиот предлог.

„Искажав резерви околу тоа дека билатералните прашања наметнати од Бугарија не треба да бидат во Преговарачката рамка, а сите други договори, вклучително и Протоколот треба да бидат обврски на реципрочна основа. Според мое мислење процесот на усогласување околу Протоколот продолжува што значи дека повторно ќе заседава Советот на Европската унија и веројатно тогаш ќе се донесе дефинивна одлука. Тоа значи дека има простор за модификации и корекции“, порача  Трајанов по средбата со Мишел.