Министрите на ЕУ денес расправаат за укинување на едногласноста во надворешната политика

Идејата ја турка Германија, но за да се дојде до таква одлука потребен е консензус и тука е проблемот. Унгарија најмногу блокира


 

Министрите за европски прашања на ЕУ кои ќе се состанат денеска во Брисел ќе разговараат за предлозите за укинување или ограничување на правилото за едногласност за прашањата за надворешни работи, кое на секоја земја членка на блокот ѝ дава право на вето за прашања како што се санкциите против Русија. „Јас сум многу оптимист дека е можно да се постигне напредок по прашањето за гласање со квалификувано мнозинство“, изјави германската државна министерка за Европа Ана Лирман за новинарите во понеделникот пред денешната средба со нејзините колеги.

„Разговараме за областите каде тоа би можело да биде можно, особено во областа на заедничката надворешна и безбедносна политика“, рече Лирман, каде одговорот на целиот блок спрема Русија постојано беше „запрен од една земја-членка“. Таа додаде: „Мислам дека тоа не треба да нѐ спречи да дејствуваме во иднина“.

За потсетување, Унгарија минатата недела сама ја блокираше ЕУ да повика да се одреди известувач на ОН за руските прекршувања на човековите права.

Министрите ги разгледуваат таканаречените passerelle клаузули на ЕУ – механизам кој им овозможува на земјите да се префрлат од едногласно на мнозинско гласање во Советот, без потреба од промена на договорите на ЕУ. Според документот на Советот до кој дојде „Политико“, „неколку делегации се отворени или се подготвени да ја разгледаат можноста за користење на passerelle клаузулите“, но „поради високо политички чувствителната природа на ова прашање… укажуваат дека ќе им треба дополнително време за да одговорат на ова прашање“.

Лирман рече дека Германија е наклонета за употреба на passerelle клаузулите. Други земји како Франција, Данска, Шведска, Холандија и Италија, исто така, ја поддржаа идејата за преминување на гласање со квалификувано мнозинство за одредени прашања од надворешната политика.

„Неколку делегации се… подготвени да ја разгледаат можноста за користење на passerelle клаузулите, особено … за санкции, човекови права или ЦСДП [Заедничка безбедносна и одбранбена политика]“, се вели во документот на Советот. „Во помала мера, поддршка изразуваат и некои делегации за даноците, енергетската политика и прашањата за недискриминација. Сепак, дипломатите нагласија дека клаузулата за заедничка безбедност и одбрана ќе се применува само на цивилни аспекти и не е применлива за одлуки со воени или одбранбени импликации.

Квака 22: Земјите треба да гласаат едногласно за да се активираат passerelle клаузулите и да се укине правилото за едногласност. Со други зборови: Унгарија и земјите како Грција и Кипар, кои стравуваат од санкции против бродската индустрија, секогаш би можеле да ја блокираат таквата промена на правилата. Дипломатите велат дека патот напред може да биде со давање гаранции или исклучоци на таквите земји за да се заштитат нивните суштински национални интереси. Лирман се залагаше за мали, постепени промени во правилата за гласање во ЕУ за конкретни прашања.

Има мал апетит меѓу земјите на ЕУ да го следат повикот на Европскиот парламент за уставна конвенција за промена на договорите на ЕУ, при што околу 17 земји се против, според двајца дипломати. Земјите рекоа дека дискусијата за промените на договорите треба да се одржи „во подоцнежна фаза“ и „неколку делегации ја поврзуваат евентуалната ревизија на Договорот со… идното проширување на ЕУ“. Може ли, на пример, Украина да стане членка на ЕУ без промени во договорите? Во многу западноевропски метрополи, вистинскиот одговор е не. (Политико)