– Вкупно 1.500 денари ќе може да потроши министер за работен ручек, а 1.000 денари заменик министер. Мора да има писмена резервација за работниот ручек со потврда и писмена информација за бројот на поканети лица, природата и целта на состанокот. Воспоставена е целосна постапка од писмена резервација до извештај зошто е закажан ручекот. Сериозно се ограничени привилегиите и се зголемува транспарентноста. Граѓаните ќе знаат на каков работен ручек бил одреден министер, рече Николовски.

Ваквата одлука е реакција на пишувањата за наводни астрономски суми пари потрошени на ручеци и пијалоци од министри во владата, и покрај фактот дека овој кабинет промовираше специјална алатка на која се гледаат сите трошоци на министрите за репрезентација, за хотели и за патувања.

„Илјадници евра месечно беа трошени од министрите од претходната гарнитура на Владата, десет години. Тоа е документирано со кривични пријави и со многу информации. Илјадници евра се извлекувале како кеш пари, се купуваа одела, кравати, се правеа забави и што уште не. Расипнички се трошеа парите на граѓаните. Сега тоа го нема. Имаме активна транспарентност, имаме алатка за отчетност во која може да се видат сите пријави, односно трошења коишто ги имаат министрите и останатите функционери. Имаме алатка за отворени финансии на Министерството за финансии и притискаме за максимално да се спроведува активната транспарентност и граѓаните да ги имаат на веб-страните сите информации коишто треба. Во таа насока ја предложивме оваа Одлука, да го унифицираме трошењето за угостителските услуги за работни состаноци коишто ги имаат функционерите. И оваа Одлука не се однесува само на министрите туку се однесува на најширокиот опсег на директори и избрани и именувани лица од страна на Владата, односно за сите правни лица кои ги основа Владата, тоа се Фондови, Агенции, АД, ЈП итн., рече Николовски.  

Николовски  посочи дека ќе се воведе и законска обврска за поднесување на анкетни листови и изјави за судир на интереси односно сопственичка структура, акции и удели во трговски друштва на службени лица вработени во јавниот сектор со посебни овластувања – инспекторите, царински службеници и сите раководни административни службеници. Оваа мерка ќе биде предложена на владина седница.

„Во моментот вакви изјави со коишто се пријавува имотната состојба и изјави за судир на интереси поднесуваат до ДКСК избраните и именувани функционери. Сметаме дека треба да го прошириме опсегот на раководните структури во администрацијата  (министерствата, раководители на сектори, раководители со посебни овластувања, посебни категории на институции како што се инспекторите, сите царински работници, сите вработени во УЈП), односно оние кои вршат клучни обврски и задачи. Сметаме дека и тие треба да поднесат анкетни листови и листови за судир на интереси, за да се види дали имаат удел, акции, дали се сопственици на фирми, тие или нивни блиски. Дали е тоа во корелација со нивните обврски и службени задачи кои требаат да ги вршат за граѓаните и како сервис на граѓаните. На тој начин уште повеќе ќе ја зголемиме транспарентноста, одговорноста на државната администрација и ќе спречиме злоупотреба на службената положба, односно штети кои може да се настанат на државата, на буџетот и на штета на граѓаните, рече  Николовски.  

Запрашан за ангажирањето на десет нови луѓе во неговиот кабинет тој одговори: 

-Ги бараме најдобрите, најдобрите млади, но и искусни луѓе, кои имаат кредибилитет, имаат капацитет, кои ги имаат сите вештини, компетенции, кои се целосно растоварени, кои сакаат заеднички со нас најнеселективно и најодговорно да се зафатиме со работа и да одработиме и да ја вратиме довербата на граѓаните, на младите во институциите и да се избориме против ова зло.