Министерството за здравство за еден месец вработува 950 здравствени работници


Доктори по медицина, медицински сестри, лаборанти, болничари, техничари, психолог, социјални работници, хигиеничари и друг неопходен персонал се вработуваат интензивно од 9 јуни наваму, тврди Министерството за здравство.

Со ова се става фокус на човечкиот капитал, а се засилува здравствениот кадар низ државата.

„Професионалниот развој и зајакнувањето на човечките ресурси претставуваат клучен дел од новиот пристап во здравствениот систем, најавен од министерот за здравство, Азир Алиу. Здравството не може да функционира без луѓето што секојдневно се грижат за неговото непречено работење“, велат од МЗ.

Со таа цел, Министерството за здравство, од назначувањето на министерот Алиу, на 9 јуни, започна интензивен процес на засилување на кадарот во јавните здравствени установи низ целата држава.

„Во период од нешто повеќе од еден месец, веќе се реализирани или се во завршна фаза над 950 вработувања од различни здравствени профили: доктори по медицина, медицински сестри, лаборанти, болничари, техничари, психолог, социјални работници, хигиеничари и друг неопходен персонал. Процесот продолжува и во наредните денови ќе бидат отворени нови постапки за вработување во повеќе јавни здравствени установи во државата“, потенцираат од здравство.