Министерството за култура ќе ја доградува Универзална сала

Министрите Костадиновска-Стојчевска и Пенов на разговор кај градоначалничката Арсовска


 

Министерството за култура ќе ја доградува Универзална сала, а Министерството за локална самоуправа ќе соработува со Градот Скопје за реализација на капиталните објекти во метрополата. Ова е резултатот од денешната средба која ја имаа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Средбата доаѓа по информацијата дека вчера Владата го задолжила Министерството за култура да почне постапка за преземање на Универзална сала, со оглед дека овој капитален објект и белег на Скопје со месеци останува руина.

Пенов, по излегувањето од состанокот во Град Скопје, рече дека министерството ќе соработува со Градот со цел побрзо да се реализираат капиталните проекти кои што се важни за метрополата, при што ги спомена подземниот премин кај „Лимак“, мостот кај „Љубљанска“, мостот во населбата Јане Сандански и др.

„Денеска бевме на разговор со градоначалничката за околу наше вклучување наше во проекти кои се сопрени од разни причини во Градот, за кои ние како Влада имаме интерес да профункционираат“, рече Пенов.

Тој појасни дека имаат комплетна согласност од градоначалничката заеднички да работат на проектите, за побрзо да профункцираат. 

„Добивме насока од Владата да разговараме со градоначалничката да изнајдеме начин Универзална сала да продолжи да се реновира“, изјави пред средбата со Арсовска, министерката Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека Министерството за култура е подготвено да ги преземе сите активности, но „прво да се видиме и да поразговараме, да се одлучи заеднички како да се заврши Универзална, за да се стави во употреба“.

Од прес-службата на Град Скопје потврдија дека градоначалничката Данела Арсовска, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, денеска на заедничка средба донеле заеднички заклучок во однос на Универзална сала дека треба да продолжи нејзината реконструкција како проект од поширок државен интерес.

„Донесовме заеднички заклучок дека изградбата на Универзалната сала во Скопје е од исклучителен интерес за скопјани, но и за цела Македонија. Се договоривме дека во следните денови ќе изнајдеме заедничко прифатливо решение за да продолжи изградбата во интерес на граѓаните и за истото ќе ни се обрати Министерството со писмено барање за што ќе се изјасниме откако ќе го добиеме официјалното барање“, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Универзалната сала е симбол на Скопје и споменик на културата, и за нејзино возобновување е потребно издржано и заедничко решение кое истовремено ќе биде и безбедно, стои во соопштението од одделението за односи со јавност на Град Скопје.

Реконструкцијата на Универзална сала ја почна претходникот на Арсовска, Петре Шилегов, а средствата од 1,9 милиони евра се обезбедени од Владата. Јавноста беше сведок на скандалозен настап на градоначалничката на средбата која ја имаше со министерката за култура пред Универзална сала на која се испокара со проектантите и претставниците од Асоцијацијата на архитекти дали проектот е безбеден.