Министерството нас екс-министерот Милевски потрошило 79 отсто повеќе струја, најмноги заштедил Нуредини


Фото: Б. Грданоски

Министерството за локална самоуправа каде што до скоро министер беше Горан Милевски, наместо да штеди струја, како што беше одлучено на Владата, во септември потрошило за 79 отсто повеќе во однос на истиот месец лани. Истовремено, Министерството за животна средина, на чело со министерот Насер Нуредини било прилично штедливо и потрошило за 75 отсто помалку струја од лани, покажуваат податоците кои денеска ги презентираше министерот за економија Крешник Бектеши. Кај државните институции и фирми, разликата е уште поголема – кај трошаџиите предничи ЈП Водостопанство – Македонија со 144 отсто зголемена потрошувачка, а кај оние што штеделе  „Еурокомпозит“ со 99 отсто, и ЈП за стопансиување со објекти за спорт со 100 отсто, иако тоа може да значи само едно – дека воопшто не работеле.

Мерките почнаа да се применуваат од 1 септември и сите органи на државната управа, државни институции и јавни претпријатија беа задолжени да остварат заштеди во потрошувачката на електрична енергија за 15 отсто на месечно ниво започнувајќи од 1 септември 2022 година заклучно со 31 март 2023 година, споредено со истиот месец од претходната календарска година.

„Согласно податоците на Министерството за економија обезбедени од Електродистрибуција АД Скопје за потрошувачката на електрична енергија од министерствата со сите подрачни единици, Владата, Судовите и Собранието, Кабинетот на претседателот, како и ЕЛЕМ и МЕПСО направена е вкупна заштеда на електрична енергија од 20 отсто“, рече Бектеши.

Тој додаде дека доколку се анализираат податоците земени од потрошувачката само на административните згради на Министерствата, Претседател на РСМ, Собрание на РСМ, Влада на РСМ, АД ЕСМ, АД МЕПСО заштедата на струја изнесува 25 отсто.

Притоа, шест субјекти имаат намалена потрошувачка на енергија во септември, но немаат остварено заштеди од 15 отсто согласно задолженијата, додека останатите оствариле заштеди од 15 отсто до 73 отсто, а повеќето од 25% до 35%.

„Единствено административната зграда на Министерството за локална самоуправа, има зголемена потрошувачка на енергија за 81 отсто во септември 2022, споредено со истиот месец 2021 година“, рече Бектеши.

Согласно податоците кои ги презентираше, заштедата на електрична енергија во зградата на Владата е 25 отсто, кај Министерство за внатрешни работи 21 отсто, Министерство за култура 40 отсто, Министерството за образование 35 отсто, Министерство за политички систем 22 отсто, Министерство за транспорт и врски 30 отсто, Министерство за труд и социјална политика 36 отсто, Министерство за финансии 32 отсто, Министерство за економија 30 отсто.

Од друга страна најмала заштеда е направено во административната зграда на Министерството за здравство од 2 отсто, по што следат Министерството за надворешни работи од 8 отсто заштеда и Министерството за одбрана од 8 отсто заштеда.

Собранието заштедило 29 отсто од потрошувачката на електрична енергија, додека кај Кабинетот на претседателот заштедата е 17 отсто.

Анализата на потрошувачката на електрична енергија покажува дека заштедата кај претпријатијата во државна сопственост изнесува 8 отсто, а опфатени се вкупно 17 државни компании.

Од нив девет субјекти оствариле заштеди од минимум 15 отсто во месец септември 2022 година споредено со истиот месец во 2021 година, пет оствариле заштеди помалку од 15 отсто, два субјекти имаат поголема потрошувачка на електрична енергија.

„Анализата исто така покажува дека вкупно 111 институции немаат потпишано договор за снабдување со електрична енергија и се снабдуваат на краен снабдувач со многу повисока цена односно цената на HUPX + 20%. Најголем број на субјекти кои се снабдувани од снабдувачот во краен случај се основните и средните училишта, по што следат министерствата и здравствените установи“, рече Бектеши.

Анализата покажа дека кај општините за кои мерките не се задолжителни, туку важат како  препорака, речиси секоја трета или 29 отсто ја намалиле потрошувачката на електрична енергија во септември, споредено со истиот месец претходната година.

При тоа од 81 општина, 25 не постигнале заштеда од 15 отсто, а останатите 56 општини успеале да направат заштеда на електрична енергија поголема од 15 отсто

Најмногу отстапуваат Арачиново, Гостивар и Свети Николе.

Останатите што не ја постигнале заштедата од 15 отсто се во ранг од -14%до +13%.

„Овие податоци за заштеда на електрична енергија покажуваат дека доколку сме сите рационални и не трошиме беспотребно електрична енергија може да се направат големи заштеди. Доколку сите дадеме максимален придонес за намалување на потрошувачката на струја во државата, секој со свој личен влог може да помогне полесно и со најмали можни последици да се справиме со оваа енергетска криза“, порача Бектеши.

Тој апелираше до сите дека состојбата во енергетскиот сектор, не само во Северна Македонија туку и во цела Европа не е шега, и секој степен помалку е заштеда од околу 5 отсто на енергенсите.

„Грејната сезона започна и треба сите ние во наредниот период малку да се фокусираме на штедење и начините како да го направиме тоа. Една мала промена на секојдневните навики може да направи голема разлика“, рече министерот Бектеши.