Министерот за труд на САД си поднесе оставка
Министерот за труд на САД, Александар Акоста, објави денеска дека си поднесува оставка. Тој неговата одлука ја соопшти на прес-конференција во Белата куќа, додека до него стоеше претседателот Доналд Трамп, кој потврди дека тоа е одлука на Акоста.
Акоста ја напушта функцијата поради случајот со милијардерот Џефри Епстин, кој во 2007 година беше обвинет за подведување малолетни лица и организирање проституција. Истрагата се одвиваше од 2002 до 2005 година во Њујорк и Флорида и Епстин тогаш се договорил со истрагата, водена од Акоста, како тогашен обвинител на Јужна Флорида.
Договорот бил повеќе од поволен за осомничениот – затворска казна од 13 месеци со право на излегување од затвор шест пати неделно, наместо долгогодишен, а можеби и доживотен затвор што можел да биде одреден од судот. Покрај тоа Акоста се согласил да го сокрие договорот со истрагата од жртвите на овој случај.
Во февруари годинава, окружниот суд на Јужна Флорида утврди дека сокривањето на информацијата било незаконско. Епстин беше задржан во саботата и веднаш потоа започнаа критиките на адреса на Акоста. Лидерот на демократите во Санатот, Чак Шумер и спикерот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, побараа оставка од него, а на Твитер се рашири кампања за оставка на Акоста.