Министерот Меџити најавува најквалитетни лекови, при крај постапката за новата позитивна листа


Фото: Б. Богдановска

При крај се подготовките за ревидирање на позитивната листа на лекови и за околу една недела, заинтересираните компании ќе бидат повикани да аплицираат.

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска изјави дека станува збор за голема проблематика, што трае над 10 години, а со ревидирањето на листата пациентите ќе добијат најквалитетни лекови.

– Деновиве сме при крај со сите подготовки и мислам дека за една недела ќе бидат повикани сите групи на компании за да аплицираат и еднаш засекогаш пациентите да почнат да користат најквалитетни иновативни и ефективни лекови со цел да имаме поздраво население. Комисијата е формирана одамна. Последните подготовки се во тек и ќе почне да се аплицира, после тоа ќе се одлучува, нормално. Се разбира, од сите аплицирања ќе се види кој лек е најпотребен. Тоа ќе го прават нашите експертски групи што ќе ги избереме во комисиите, одговори Меџити, на новинарско прашање до каде е процесот за ревидирање на позитивната листа на лекови.

На прашање дали комисијата работи со финансиски надомест или доброволно, министерот одговори дека најверојатно ќе биде со надомест.