Министерот Хоџа очекува добра и бериќетна година за лозарите


Министерот за земјоделство  Арјанит  Хоџа денеска учествуваше во закројување на лозје во неготинско, во чест на денешниот празник ,,Свети Трифун”, кој се смета за заштитник на лозарите и винарите.

-Очекуваме оваа година да биде добра, бериќетна, исто така да може самите лозари да бидат претпазливи во делот на квалитетот што треба за производство на грозјето, а од друга страна, како министер и како одговорен за ресорот за субвенциите, гарантирам дека ќе ја имаат истата помош, истата поддршка од наша страна, изјави Хоџа.

Зa сите лозари посака годинава да биде бериќетна и добра.

-Да очекуваме дека оваа година ќе биде многу подобра од ланската. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно Владата докажа дека навистина лозарите и винарските визби се приоритетни. Во таква лоша година како минатата успеавме да ублажиме било какви лоши последици и резултати, донесовме специјален закон за лозарите со тоа што во ковид ситуација од пандемија успеавме да одвоиме над шест милиони евра помош, односно поддршка за лозарството. Исто така и за винарските визби кои за жал беа полни во нивните капацитети во визбите, потсети Хоџа.

Лозарството, нагласи, е навистина стратешка гранка за нашата држава.

-Мора заеднички со дијалог и со лозарите и со откупувачите, односно со винарските визби, да придонесеме за да биде лозарството одржливо, развојно и приоритетно за нашата држава, посочи Хоџа.

Неготинскиот градоначалник, Тони Делков потсети дека во неготинскиот крај нема семејство коешто не се занимава со лозаропроизводителство, дали професионално или како дополнителна дејност.

-Неготино и секој еден наш граѓанин се гордее на виновата лоза, на производството на вино и ракија, додаде Делков, осврнувајќи се на настаните организирани по повод празникот, посакувајќи плодна и успешна година.