Министерот Хоџа демантира дека јадел и пиел без мерка


Фото: Б. Грданоски

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, ги демантира пишувањата во медиумите дека претерал со трошењето пари за храна и пијалоци во ресторанот на Владата. 

-Во текот на вчерашниот ден, од страна на неколку медиуми беше пласирана навредлива и пред се неточна информација, во врска со трошоците кои министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, наводно ги направил за време на неговиот мандат.Најостро ги демантираме ваквите невистини, кои се пласирани со цел да му се наштети на угледот на министерот Хоџа и да се обезвреднат постигнатите резултати од неговото работење.

Како доказ дека изнесените информации за наводно потрошени 22 илјади евра од почетокот на неговиот мандат се груба, недолична и безобразно конструирана лага,  ви доставуваме детален шестмесечен извештај за сите  трошоци направени за време на неговиот мандат. Дополнително, доставуваме и наративни извештаи од реализираните активности на министерот Хоџа. Напоменуваме дека наративните извештаи не ги содражат безбројните состаноци со многу земјоделци, бизнисмени, партнери, колеги, секторски и подсекторски групи, работни групи, комисии итн. кои се трикратно повеќе од она што министерот дневно го објавува на функционерскиот фејсбук профил.

Со цел јавноста да добие кристално јасна слика за работењето на министерот Хоџа, напоменуваме дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е едно од најкомплексните министерства со 42 подрачни единици на целата територија и вкупно 1.037 вработени. Тоа само по себе доволно го опишува обемот на работа, кој и во услови на пандемија не беше прекинат ниту во еден момент и сите работни задачи се извршуваа тековно без застој и секогаш во интерес на земјоделците.

Уште еднаш, најостро ги демантираме изнесените навреди и лаги. Ваквиот срамен чин ние го разбираме само како страв од успехот кој министерот Хоџа го постигна за многу кратко време. Очигледно дека тоа некому му пречи, па се обидува преку груби невистини да нанесе штета не само на министерот туку на целиот сектор земјоделство, кој тој успешно го води. Земјоделците одлично го прифатија, тој за кратко време ја стекна нивната доверба, постојано нагласувајќи дека процесот на унапредување на земјоделството ќе биде воден партнерски, заедно со нив.

Оние кои се плашат и му завидуваат на туѓиот успех, никогаш нема да ја достигнат радоста, бидејќи разликата помеѓу нас и нив е суштинска. Успешните луѓе се фокусирани на развој, идеи и планови. Неуспешните пак, секогаш се фокусирани на другите. Тие љубоморно гледат на туѓиот успех, а всушност сваќаат дека пред очи им се случува пораз.Ние ќе продолжиме и понатаму да работиме чесно и транспарентно, стои во реакцијата.

Наедно во неа се најавува дека же биде побарана одговорност  за сите кои шират лаги и навреди и нанесуваат штета на честа и угледот на министерот Хоџа, согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Според прилоѓената фактура Хоџа и кабинетот за периодот од октомври минатата година до 31 март годинава потрошиле околу 6.000 евра.