Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска за „Независен“ : Во црно се чувствувам како Бисера

Не мислам дека треба да го менуваме стилот со работната позиција. Сметам дека треба да донесеме нешто свое во исто време прилагодувајќи се на она што таа позицијата подразбира. Во струмички театар, по штикли се качив на скеле ама и по патики во театарот кој се гради во Тетово, вели Костадиновска-Стојчевска во интервјуто за „Независен“


 

Новата министерка за култура, Бисера Костадиновка-Стојчевска (36) е модно освежување на македонската политичка сцена, каде доминираат повеќе мажи со стил, а помалку дами со вкус на облекување. Костадиновска –Стојчевска се наметна со необичен,  минималистички изглед, со едноставни избори, во омилените црна и бела боја, и со минималистички накит . Изборот на облеката и на накитот на јавните настани е со македонски потпис, што е за почитување.  Засега не е приметен моден гаф, напротив на аудиенцијата кај папата Франциск во Ватикан и на настаните во Рим, импонираше со изгледот со елегантен ефект кој преку деталите како чипката, го открива нејзиниот изграден вкус, важноста од комфорот, како и изборот на префинети материјали како кашмир и свила.

И покрај набиената агенда и патувања, Костадиновска-Стојчевска, ни одговори на прашањата,  не како министерка за култура, туку како дама со стил. Ексклузивно за „Независен “ ја откри тајната на својот изглед, кој допрва со задоволство ќе го откриваме во јавноста.

Го променивте ли стилот на облекување пред да станете министерка и сега додека сте министерка?

Напротив, се потрудив да го вклопам досегашниот стил со новата позиција. Често се случува да се појавам како по патики но и на штикли. Ми се случува – и тоа ми годи- да не бидам препознаена заради стилот на облекување. По патики, во секојдневно фустанче, памучно, едноставно. Не мислам дека треба да го менуваме стилот со работната позиција. Сметам дека треба да донесеме нешто свое во исто време прилагодувајќи се на она што таа позицијата подразбира. Во струмички театар, по штикли се качив на скеле ама и по патики во театарот кој се гради во Тетово.

 

Колку ги претпочитате македонските дизајнери и кои се вашите омилени парчиња од нив?

Морам да напоменам дека многу ми е мило што Битола се покажа и докажа како плодно модно поднебје. Мinnimal, ¾ by Јасмина, Лом Лабел се само дел од македонските дизајнери кои ги носам редовно. Неодамна бев дел од ревија организирана од страна на учениците и професорите на текстилната струка во СОУ „Таки Даскало“ и битолски дизајнери, каде ја имав честа да соработувам со младата и перфектна Марта Дојчиновска. Исто така, Дарко Граматковски е мојот омилен “go to“ дизајнер одамна, чиј фустан го носев на отворањето на нашиот павилјон на Венецијанското биенале годинава. Иако неговата сопруга е неговата муза, сепак одлично се снаоѓа и со мене. Minnimal е брендот кој навистина го отсликува мојот стил – едноставен, минимален, класичен но впечатлив и уникатен . Тоа не значи дека не побрзав да купам парчиња од новата колекција на Кокев. Но на крај најдоследна им останувам на Minnimal.


 

Влијае ли вашето расположение врз тоа како ќе се облечете во текот на денот?

Секако дека да, влијае. Доколку не се облечам според расположението, мислам дека тоа ќе ми се познава во изразот на лицето. 

 

Може да се каже дека вашата омилена боја на гардеробата е црната, какви бои други имате во плакарот?

Имаше периоди кога имав облека во сите можни бои и дезени во мојот плакар. Но, како што поминува времето, некако црната боја ми стана и секојдневна и дотерана со тек на време. Во неа се чувствувам како Бисера. Со тек на време, се научив, иако може да се каже дека и уште учам, да додадам бела кошула на црни пантолони и обратно, бел фустан на црни штикли, ама црниот лак за нокти не би го менувала за ништо на светот. Се трудам да облечам и друга боја, но ретко. Црната ми останува број 1. 

Се случи на еден настан да сте слично облечени со амбасадорката на САД, како реагирате во тие ситуации?

Имав другарки кои ставаа вето на парче облека кога ќе го купеа. Мене twining моментите воопшто не ми сметаат. Напротив. Особено кога се најдов во една ваква ситуација, може да кажам дека беше и комплимент на некој начин. 

 

 Што е она што најмногу сакате да носите?

Converse патики, бела маица и црна pencil сукња. Машки костум. Не е фер прашањето.

 

Би си го смениле стилот на облекување и каков би бил?

Хм. Не. Мислам не. Може само да се охрабрам да ги исфрлам парчињата во боја, ама не би менувала ништо.

Што е најважно за една жена да биде среќна особено кога е на шопинг терапија?

Да е сама, да ги ужива моментите во купувањето.

 

Која е вашата порака до сите жени?

Да не се откажуваат! Звучи како клише, да, но сепак ако беше лесно се она што ние го правиме, немаше да сме жени. Жените имаат поголем праг на издржливост во секоја смисла на зборот и во секоја сфера и на секое поле.