Министерката за култура ќе ја даде на суд Арсовска за „лагите“ околу Универзална сала

Костадиновска-Стојчевска вели дека градоначалничката на Скопје ги потпишала сите документи за реконструкцијата на Универзална сала


Фото: Б. Богдановска

 

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, категорично ги отфрла тврдења на градоначалничката Данела Арсовска дека знаела за пожарот во Универзална сала, а не пријавила, нарекувајќи ги лаги и најави тужба.

„Веста за пожарот се ширеше толку брзо што за многу краток период беа преплавени социјалните медиуми од кадешто дознав јас и во истиот тој момент од ова работно место, од министерство за култура се упатив кон Универзалната сала. Упадот во системот на Бирото за јавни набавки е карактеристика за едно друго време во кое градот и државата ја водеа оние коишто ја направија неа градоначалник. нејзините од ВМРО-ДПМНЕ. Во наше време има уредно барање пратено до Бирото за јавни набавки и уредно добиен одговор за промена на инвеститот како што налага договорот склучен со Град Скопје. Нема упад, има само уште една лага од Арсовска.

Симптоматично е како за Арсовска станал проектот небезбеден кога досега потпишала неколку документи за почеток на негова реализација. Истиот тој проект кој Арсовска го спори и тврди дека е фалсификат беше исплатен преку системот за добивање градежна дозвола до Градот за пресметка на комуналии. Градот изготви таква пресметка, а Министерството за култура ја плати за што имаме и потпишан договор за комуналии. Таа се потпишала на документи низ овие постапки и со тоа ја потврдува безбедноста и овој чекор моравме да го почнеме повторно заради неамње интерес и волја Арсовска да почне со реконструкцијата бидејќи одобрението за реконструкција беше истечено“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека прес-конференцијата на Арсовска била манипулативна:

„Јасно е дека со овој манипулативен прес, Арсовска се обидува да го скрие својот неуспех и неспособност за реконструкција на Универзална сала. Не само што две години не презеде ништо и остави да пропаѓа и да `рѓосува салата, Арсовска дополнително го оштети Буџетот за реконструкција на салата со 20 милиони денари, пари на граѓаните, заради нејзин личен хир и желба да не се изгради. Арсовска поради одлагањето на реконструкција изгуби судски спор и го оштети Буџетот на граѓаните наменет за реконструкција“, рече министерката.

Костадиновска-Стојчевска смета дека обвинувањата кон неа не заслужуваат внимание.

„Инсинуациите и низата небулози изнесени на вчерашниот прес ќе бидат предмет пред судските инстанци, па самата таа ќе има можност подетално да објасни за изнесените тврдења за мене поврзани со Универзална сала“, додаде Костадиновска-Стојчевска.

Градоначалничката Арсовска, вчера на прес-конференција рече дека Градот воопшто не бил информиран за почнување на градежните активности во Универзалната сала, пред да се случи пожарот минатата недела.

„Зошто министерката за култура ако дознала за пожарот пред 9 часот, истиот не го пријавила? Зошто ако работниците и инженерката на фирмата се обидувале да го гаснат пожарот и откако не го локализирале, не пријавиле и не побарале помош од Противпожарната бригада на Град Скопје, каде многу подоцна е пријавен пожарот од страна на случаен минувач? На што се должи изјавата на Лазар Арсовски, сопственик на фирмата изведувач дека причината за пожарот е стар кабел или инсталација? Каде поточно е започнат пожарот? Врз основа на кој проект е продолжено да се реконструктуира Универзалната сала“, беа само дел од прашањата на градоначалничката на прес-конференција во просториите на Град Скопје.

За денеска има закажано уште една прес-конференција на Арсовска, а дали таа се однесува на проблемот со Универзалната сала, останува да почекаме.

Арсовска инсинуира дека министерката за култура знаела за пожарот во Универзална пред 9 часот, а не пријавила