Минчев: Ќе ставиме крај на партиските привилегии на товар на граѓаните

Помалку управни и надзорни одбори, помалку членови и избор само на професионалци - најавува министерот Минчев „револуција“ во која е тешко да се поверува


Министерот за јавна администрација, Горан Минчев

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во изјава за весникот ВЕЧЕР порача дека започнува процес на рационализација на јавниот сектор – намалување на членовите на управните и надзорните одбори, укинување и спојување на непотребните институции и воведување јасни правила за професионално управување.

„Доста беше јавниот сектор да биде сервис за партиските кадри и распределба на привилегии. Управните и надзорните одбори со години беа структури со преголем број членови, со сомнителни критериуми и без отчетност. Тоа е неприфатливо. Ќе воспоставиме ред – помалку одбори, помалку членови и избор само на професионалци со знаење, стручност и компетенции, а не со партиска книшка.“ – изјави Минчев.

Тој децидно нагласи дека ќе се стави крај и на нефункционалните институции:

„Имаме институции кои постојат само на хартија, со по неколку вработени и преклопени надлежности. Тие не се вистински институции, туку симболи на неефикасност и расфрлање на државните пари. Со нивно спојување и оптимизација ќе обезбедиме рационализација – помалку трошоци, подобра координација и поефикасни услуги за граѓаните.“

Минчев додаде дека Владата е решена да изгради модерна и професионална администрација:

„Подготвуваме нов закон за висока раководна служба со кој ќе ја искорениме партизацијата при избор на функционери. Никој повеќе нема да биде назначен по партиска книшка, туку според знаење, искуство и стручни вештини. Тоа е реформата што Македонија ја заслужува.“

Министерот потсети дека Владата веќе покажа конкретни резултати:

„Со укинувањето и фузионирањето на Инспекцискиот совет во рамки на МЈА, заштедивме околу 300.000 евра годишно. Со замрзнувањето на платите на функционерите покажавме дека сме подготвени прво да почнеме од себе. Продолжуваме со суштинските реформи – намалување на одборите, оптимизација на нефункционалните институции и намалување на партиските привилегии“ – заклучи Минчев.