Милошоски: Фон дер Лајен ќе се обиде да ја амортизира европската уцена

Според Антонио Милошоски, многу видни европски политичари се обраќале во македонското Собрание, но тоа било без корист


 

Опозицискиот првенец, Антонио Милошоски, денеска изјави дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, утре при обраќањето во Собранието ќе се обиде со убави зборови да го амортизира францускиот предлог, но дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го разобличат тоа.

Милошоски на прес-конференција рече дека многу видни лидери од Европа имале обраќање во македонскиот парламент, но тоа било бескорисно, бидејќи „Македонија знае што е добро за неа, а што не е добро“.

„Во Република Македонија досега се обратиле Хавиер Солана, Романо Проди, еврокомесарот Оли Рен. Сите имале одлични обраќања. Во Македонија сме имале такви одлични обраќања, од кои сме немале никаква придобивка. Во моментов сме соочени со уцена која утре со убави зборови ќе се обиде да ја амортизира и сегашната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Го почитуваме нејзиното време, но си го почитуваме и нашето достоинство и знаеме што е добро а што не е добро за Македонија“, рече Милошоски и ги нагласи ставовите на неговата партија дека предлогот за симнување на ветото е без преседан. „Се бара да се ревидира историја и да се промени Уставот за воопшто да може да почне преговори, и тие да бидат врзани со натамошни промени на учебници и историски личности. Тоа е понижувачки“, рече тој.

Милошоски нагласи дека за преговарачката рамка, според Уставот, надлежен орган којшто ја прифаќа или одбива е Владата. Но бидејќи таа била уплашена од револтот на граѓаните „се обидува преку Собранието да амортизира и пратениците на владејачката коалиција да ги користи како алиби, како бројка за наводно прифаќање на францускиот предлог за којшто парламентот нема надлежност“.

„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ аргументирано ќе го разобличат овој предлог и неговата штетност и ќе биде против овој театрален обид Собранието да биде искористено  како алиби за она што во понеделник или вторник Владата, Ковачевски и Османи ќе кажат ‘да’ за овој предлог, рече тој.

За ВМРО-ДПМНЕ се прифатливи заклучоци со кои ќе се бара од францускиот предлог да се исфрлат билатералниот протокол и сите други уцени вклучувајќи ја и промената на Уставот. (Н.В.)