Милкие Халими го осуди нападот врз екипата на ТВ21 и побара расветлување на случајот`

Градоначалничката на Арачиново Милкие Халими го осуди нападот врз екипата на ТВ 21, кој беше извршен на територијата на општината, откако новинарите снимале граѓани, кои се жалеле на лошата инфраструктура во селото. Таа побара целосно расветлување на случајот, а нејзината реакција е содржана во дописот што го испратила до ЗНМ.

-Најостро го осудувам чинот што се случи во просториите на општината. Како прв човек на локалната самоуправа лично ќе се заложам вакви настани веќе никогаш да не се повторат. Слободата на говор, на јавно информирање и непречена работа на медиумите се неприкосновени и цврсто стојам зад тие вредности кои што се и уставно загарантирани. Очекувам и ги повикувам, надлежните институции во најкус можен рок да го расчистат настанот и соодветно да бидат санкционирани“, вели градоначалничката во реакцијата.

ЗНМ претходно соопшти дека таквото насилничко и примитивно однесување на кое биле подложени колегите од ТВ21 е неприфатливо и претставува напад врз слободата на информирање и класично попречување во вршењето на работата на новинарите.

ЗНМ ја поздравува брзата реакција на градоначалничката Милкије Халими и истовремено бара итна и ефикасна истрага од страна на Министерството за внатрешни работи.