Милијардерот Ричард Бренсон ги откри најлошите совети за кариера што некогаш ги добил


„Прави го она што го знаеш“ е вообичаен совет за кариера, но не сите се согласуваат дека тоа е мудар совет. Коосновачот на „Вирџин груп“ и милијардер Ричард Бренсон тврди дека тоа е најлошиот совет за кариера што некогаш го добил.

Имено, во подкастот „Work Life“ со Адам Грант изјавил дека деловен успех го постигнал правејќи го спротивното.

„Повеќето од моите работни места беа во индустрии каде што немав искуство“, истакна тој.

Бренсон, чие богатство американскиот деловен весник Форбс го процени на 2,6 милијарди долари, кариерата и богатството го направи преку „Вирџин“, која работи повеќе од пет децении. Тој ја продаде својата музичка издавачка куќа во 1992 година за речиси милијарда долари, а неговата група сега поседува сè, од авиокомпании, хотели и медиуми до компанија за вселенски летови.

Водителот на споменатиот подкаст, Адам Грант, кој е и организациски психолог, истакна дека е паметно да се работи на нови проекти и на нови полиња. Тој предупреди дека оние кои остануваат во индустријата со која се запознаени развиваат „когнитивно зацврстување“.

Со други зборови, според студијата на Американскиот универзитет Рајс од 2010 година, како што вработените добиваат експертиза, тие може да ја изгубат флексибилноста во однос на решавање на проблемите, прилагодување и генерирање креативни идеи. Наместо тоа, како што истакна Грант, кога сте нов во индустријата, однадвор, стекнувате способност да видите што тоа подразбира.

Бренсон не сака да се води според конвенционалните верувања. Менталитетот, рече тој, му помага да се фокусира на квалитетот на идејата, а не на потенцијалната заработка. Како што изјавил, има многу работи што сакаме да ги направиме, а не би ги направиле доколку ги слушавме сметководителите, пренесува Си-Ен-Би-Си.