Милевски се повлекува од Владата, ќе го замени Ристо Пенов?

Во ЛДП, партијата чиј претседател е, се водат разговори за негов наследник во министерскиот ресор.


Горан Милевски идната недела ќе се повлече од  функцијата министер за локална самоуправа во Владата.

Информацијата тој ја потврдил утрово за ТВ 21 и за Локално.

-После тригодишно извршување на функцијата министер за локална самоуправа сметам дека е време за промени и на ова место да дојде друг кадар од ЛДП, вели Милевски во врска со информациите во медиумите дека се повлекува од функцијата во Владата.
 
Во ЛДП, партијата чиј претседател е, се водат разговори за негов наследник во министерскиот ресор. Тој тврди дека не постои раздор во партијата и оти до крајот на годината треба да се одржи редовен конгрес на кој ќе се донесат клучни партиски одлуки.
 
До Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски официјално не е доставена оставката што ја најави министерот за локална самоуправа Горан Милевски, соопштија од таму.
 
Од владејачката партија СДС велат дека тоа се внатрешни прашања на нивниот коалициски партнер ЛДП. 
 
“Тоа се внатрешни прашања во рамки на нашиот коалициски партнер ЛДП. Односите со ЛДП и во коалицијата се на високо ниво. Коалицијата предводена од СДСМ е фокусирана на ефикасно менаџирање на енергетската и економска криза, како и на посветена работа во однос завршување на преговорите со ЕУ, што вклучува и потребните уставни измени”, велат од СДСМ. 
 
Претходно, Фокус, пишуваше дека тој размислува и за целосно повлекување од политиката.
 

Cпоред неофицијални информации на Фокус, тој прво ќе се повлече од министерската функција, додека партиската функција ќе ја извршува до следниот редовен конгрес, што треба да се одржи до крајот на годинава.

Најсериозен кандидат за нов лидер на либералдемократите е пратеничката Моника Зајкова, која треба да ја презеде функцијата на редовниот конгрес што ќе се одржи до крајот на годинава, дознава Фокус.

Иако Милевски и пратениците Зајкова и Мојсоски имаа различен став во однос на таканаречениот француски предлог, партиски извори велат дека дискусиите за трансфер на власта во партијата се водат во конструктивна атмосфера, без тензии и конфликти.

Што се однесува до новиот министер за локална самоупава, соговорници на Фокус посочуваат дека во најтесна конкуренција се двајца кандидати, меѓу кои е и поранешниот партиски лидер и скопски градоначалник Ристо Пенов.

Инаку, Милевски го презеде управувањето со ЛДП во 2015 година, наследувајќи го Андреј Жерновски, кој премина во СДСМ откако му заврши мандатот како градоначалник на Центар.