Мијата со концерт во бохо-атмосфера во Филхармонија


Во среда, на 15 мај, во малата сала на Филхармонија, ќе се случи несекојдневен
музички перформанс на нашата кантавторка MIYATTA. Концертот е во рамки на
петтото издание на Скопски Градски Фестивал, во организација на Баги
Комуникации.
MIYATTA е е уникатна појава на македонската музичка сцена, како со
препознатливиот музички израз, така и со оригиналните, театрални сценски
настапи. Мијата е кантавтор, создава ангажирани текстови и умешно интегрира
различни форми во својата музика. Нејзините настапи се спој на музика и театар
за целосно доживување на публиката.
Многумина ја споредуваат со Kate Bush, заради нејзините вокални и визуелни
интерпретации. MIYATTA има издадено два албуми, „Небеска“ и „Вида“ кој се
појави оваа година и наидува на одлични реакции кај балканската музичка
критика.
– Возбудена сум за претстојниот концерт и повторна средба со публиката.
Концертот ќе биде комбинација на песни од двата мои албума во една
акустична и бохо-атмосфера, која ќе ѝ направи на публиката да се
чувствува како дома. Секогаш тргнувам од помислата што би сакала јас
да видам, да чујам, да доживеам… Но најважно од се ми е да ја задржам
автентичноста, вели Мијата.
На концертот публиката ќе има можност да ги види и гостите Нина Јанева,
Мухамед Ибрахими, Александар Пешевски, Теодора Гошева Капсарова, Никола
Стојмановиќ, Гоце Вангеловски и уште неколку изненадувања кои
организаторите не сакаат да ги откријат.
– Ова е мал но значаен јубилеј за нашиот фестивал. Исто како и
претходните години и оваа фокусот го ставаме на домашните изведувачи.
Сметаме дека негувањето и поддршката на домашната сцена е суштинска
во овие времиња на голем наплив на музика со сомнителен квалитет.
Соработката со MIYATTA е нешто на што работевме изминатата година,
таа е исклучителен професионалец и голем креативец, велат
организаторите Баги Комуникации.
MIYATTA деновиве е актуелна и со соработката со македонската музичка
атракција „Брас брадрс“ (Brass Brothers) на нивната најнова песна „I Wanted
More“ каде таа е текстописец и вокал.
Јубилејното петто издание на „Скопски градски фестивал“, понуди возбудлива и
исклучително квалитетна програма во организација на „Баги Комуникации“, со
три фестивалски вечери, на 7, 9 и 15 мај. Фестивалот беше отворен на 7 мај во
камерната сала на Филхармонија, каде настапија гитарското дуо „Роџерс и
Харисон“ и битолската група „Код 369“. Втората фестивалска вечер се одржа на
9 мај во Младинскиот културен центар во Скопје. На програмата беа три
концерти, на групата „Бла-бла-бла“, Мухамед Ибрахими и средношколскиот бенд
„3rd Brigade“, со ученици од „American High School“ – Скопје, како и изложба на
авантгардни колажи од уметницата Марга Рита.
Со концертот на MIYATTA на 15 мај ќе биде затворено ова издание на
фестивалот.
Концертот ќе започне во 20 часот, а билетите по цена од 800 денари можат да
се набават преку www.bileti.mk
Фестивалот е поддржан од Комерцијална Банка и од Министерството за култура.