Мијата – чудо од глас и добро расположение
Наташа Крстевска- Мијата , омилениот лик од добрите корпоративни забави ширум Македонија, гордата контролорка на летање на скопскиот аеродром, која се уште добро балансира меѓу двете професии, е мајсторка за уникатни настапи и перформанси, режирани како еден вид претстави.
Така, синоќа, во малата сала на Филхармонија, нас, избраната публика, не прими како дома, и не почести со добра музика, ни донесе добро расположение, не насмеа, не запозна со семејството, пријателите, соработниците… Нина Јанева, Мухамед Ибрахими, Александар Пешевски, Теодора Гошева Капсарова, Никола Стојмановиќ, Гоце Вангеловски… Се покажа како добра домаќинка, и како чудо од пејачка – кантавтор, кој создава ангажирани текстови и умешно интегрира различни форми во својата музика.
Во текот на два часа од концертот, замислен како комбинација на песни од двата албуми „Небеска“ и „Вида“ , во една акустична и бохо-атмосфера, не прошета низ повеќе музички стилови, пеејќи песни како создадени за неа, балади, поп, дури и народна ( со мајка ѝ), некои со призвуци на „ворлд мјузик“, некои со кантри звук, а други, пак, како излезени од некое кабаре. Или уште подобро мјузикл, бидејќи Мијата не само што го испеа туку и сугестивно го донесе секој збор, со гестикулацијата, движењата, а најмногу со својата насмевка. Алката која го поврза целиот овој микс беше, се разбира, нејзиниот моќен глас. Тој понекогаш галеше, замислуваше, нѐ воздигнуваше, но најчесто грмеше со својата кристална јасност.
Публиката, составена од претставници на повеќе генерации, уште од првата песна влезе во магичната атмосфера на концертот, и уште повеќе придонесе наелектризираноста да не падне, туку постојано да се стреми кон својата кулминација.
А волшепства имаше многу, не мали, како што пее Мијата, туку големи како нејзиниот талент. Таа пееше на македонски, на англиски, па дури и на француски, на јазикот на љубовта што сите го разбираат.
Во една хармонична низа, меѓу другите ги слушнавме: „Невидени“, „Бај, бај“, песна на Драган Каранфиловски Бојс, „Враќање дома… „Вида“, „Еден ден“ која ја сними со Андријана Јаневска, нејзиниот најголем хит „Верувам во себе“, кога повеќето во публиката ги потпевнуваа стиховите: „Не прашувам зошто живеам, тоа што сум тука не е случајно јас знам. Патувам зад себе трага оставам.. “, „Добра ноќ, добар ден“… Концертот заврши со светскиот хит Raining Men на The Weather Girls. Публиката стоеше простум пред убавината на вечерта што ни ја подари Мијата.
Мијата, иако на македонската естрада е присутна повеќе од 15 години, дури лани, го имаше својот прв солистички концерт. Синоќешниот концерт кој беше во рамки на петтото издание на Скопски Градски Фестивал, ја најави соработката на талентираната пејачка на професионално поле со „Баги комуникации“. Деновиве е актуелна и со соработката со македонската музичка
атракција „Брас брадрс“ (Brass Brothers) на нивната најнова песна „I Wanted More“ каде таа е текстописец и вокал. (Л. С.)
Фото: „Баги комуникации“