Мијалков понудил 10,8 милиони евра кауција за да излезе од притвор


Иако вината ја префрлаше на УБК, ниту еднаш не го спомена првиот човек на Управата, Сашо Мијалков, во својата одбрана и во нападите

Со дваесет години затворски казни во прв степен за „Таргет Тврдина“ и „Трезор“ и со обвинение за имотите на Водно Сашо Мијалков може да излезе од притвор. Според извори од судот, екс шефот на УБК Сашо Мијалков добил позитивно мислење од Обвинителството за гонење на Организиран криминал и корупција на барањето за излегување од притвор.

„Обвинителството, ценејќи ги околностите и имајќи ги предвид наводите во предлогот и дополненијата за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција, ценеше дека висината на понудената гаранција во доставените предлози, во вкупен износ од 10,8 милиони евра е прифатлива за Обвинителството за обезбедување на присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата“, велат од Обвинителството.

Адвокатите на Мијалков тврдат дека со барањето за ослободување е поднесена гаранција во недвижности со вредност од 10,8 милиони евра. Кауцијата ќе биде запленета од државата доколку Мијалков избега.

Мијалков е во истражниот затвор Скопје од 23 февруари кога по неколкудневно мистериозно исчезнување се појави пред обвинителството да го подигне решението за притвор. Претходно, по информации на обвинителката Вилма Русковска за можно бегство на Мијалков, судот му определи домашен притвор, но полицијата не успеа да го најде на домашна адреса.

Додека е во притвор за Мијалков беа донесени две првостепени пресуди, 12-годишна затворска казна за случајот со нелегалното прислушување „Тврдина-Таргет“ и 8 години затвор за случајот „Трезор“ и нелегална набавка на софтвер за следење електронски комуникации.