Мијалков призна вина за „Империја“ – ќе му се одземат 25 станови


Фото: Б. Грданоски

Поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков ја призна вината за случајот „Империја“ и се согласи на три години затворска казна. Исто така, Мијалков се согласил да биде конфискуван неговиот имот во вредност од околу 30 милиони евра, потврди за МИА Вилма Русковска, шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

– Според процената за 2011, 2013, 2016 и 2019 година вредноста за недвижниот имот е околу 17 милиони евра, но со оглед на покачување на недвижностите, бидејќи сепак се работи за 25 станови во Скопје сметаме дека негде имотот е околу 30 милиони евра, изјави Русковска.

Случајот „Империја“ се води против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Тие се гонат поради основано сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.