Мицотакис од Солун ја повтори грчката поддршка за ЕУ перспективата на Западен Балкан – за изборите порача дека ќе се одржат на крајот на мандатот


За грчката поддршка на европската перспектива на Западен Балкан, за сценаријата за предвремени избори, кои категорично ги отфрли, и порача дека избори ќе има на пролет следната година на крајот од мандатот, за економијата и новите мерки за поддршка соопштени синоќа, за надворешната политика и односите со Турција, за мигрантското и демографското прашање, говореше меѓу другото, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на традиционалната прес-конференција во рамките на Меѓународниот саем во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

На новинарско прашање за европската перспектива на Западен Балкан, посебно на Скопје и Тирана, грчкиот премиер ја повтори поддршката на Атина, но посочи дека секоја земја се оценува одделно.

– Грција цврсто ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан. Но, ова не значи дека секој случај не е посебен. Напредокот на секоја земја кон Европа се оценува одделно. И, се разбира, зависи и од одлуката на сите европски земји кога ќе се отвори и кога ќе се затвори секое поглавје во преговорите со Европската Унија, објасни Мицотакис.

Посочи дека со Албанија сè уште постојат отворени прашања поврзани со националното грчко малцинство, а како што рече, Грција во соодветниот момент ќе ги оствари нејзините права, „така што ќе бидеме целосно сигурни дека правата на малцинството се заштитени, бидејќи ова не е билатерално прашање“, додека пак за ЕУ перспективата на нашата земја рече дека со оглед на тоа што „европските преговори не се започнати, таму сме сè уште во рана фаза во однос на она што се случува со Албанија“.

За односите со Турција потсети на потпишаната „Атинска декларација“ со која се отворија каналите на комуникација и за кои нагласи дека остануваат отворени, нешто што го коментираше позитивно, но и потсети дека со Анкара разговараат само за одредување на морските зони во Егејското море и Источниот Медитеран и „никогаш нема да влезе во разговори со Турција за прашања што самата Турција ги поставува, а кои за Грција воопшто не се прашања“.

Се осврна на добрата соработка во мигрантското прашање и намалените бранови на островите во Егејското море, како пример споменувајќи дека сега, островот Лезбос, наместо со мигранти е преплавен од турски туристи кои доаѓаат поради олеснетиот визен режим.

И за Крит, иако се соочува со мигрантски бранови од источна Либија, рече дека е преплавен од туристи, а не од мигранти, но сепак додаде дека постојат одредени предизвици во управувањето со ситуацијата.

За мигрантското прашање рече дека „ЕУ со помош на Грција ја промени стратегијата“, а акцентот треба да се стави на враќањата на нелегалните мигранти.

Една од актуелните теми во Грција во изминатиот период беше сценариото за можни предвремени избори, нешто што Мицотакис уште еднаш категорично го демантираше, објаснувајќи дека изборите ќе се одржат на пролет во 2027 година, односно на крајот на четиригодишниот мандат.

– Верувам во институционалната доследност, а изборните циклуси да се финализираат. Единствената причина некој да распише предвремени избори е ако смета дека тоа му одговара политички. Јас не размислувам така. Истото го зборувавте и во 2023 година, не го сторив тоа, а нема да го сторам ни сега. Изборите ќе се одржат на крајот на четиригодишниот мандат. Имаме многу работа пред нас, порача Мицотакис.

Го повтори и неговиот став дека најдобрата опција за земјата е еднопартиска Влада, а конкретно за следните избори потсети дека на 1 јули 2027 година Грција го презема претседателството со Европската Унија и затоа потребно е да има стабилна влада.

Сепак нагласи дека го почитуваат изборот на грчкиот народ и она што ќе го одлучи на следните избори.

– Да потсетам дека и пред изборите во 2023 година на ниту една анкета Нова демократија не доби над 35 – 36 проценти, а на изборите партијата освои 41 отсто. Целта да имаме апсолутно мнозинство за еднопартиска влада е остварлива и е единственото политичко решение за земјата да има стабилна влада, објасни Мицотакис со оглед на тоа што според анкетите, владејачката партија не добива доволно поддршка за формирање еднопартиска влада.

Во однос на мерките за поддршка во висина од 2,2 милијарди евра што ги соопшти синоќа на свеченото отворање на саемот, објасни дека се во рамките на фискалната стабилност на земјата, а тоа го дозволуваат „добрите економските резултати во последните години“.

Објасни дека акцентот го ставаат на мерки што ќе се однесуваат на поддршка на приходите на вработените и домаќинствата што, според него, е најдобар одговор на поскапувањата на цените, што воедно за нив е главен приоритет.

За дискусијата за намалување на ДДВ-то за справување со инфлацијата и високите цени, објасни дека тоа би се однесувало на сите и на оние кои имаат и на оние кои немаат пари.

-Не гледам зошто би го искористиле фискалниот простор за да ги поддржиме и оние кои имаат, но и туристите, кога можеме таргетирано да ги поддржиме оние на кои навистина им е потребна помош, објасни Мицотакис.

Во однос на демографскиот проблем рече дека е глобален и „за жал Грција не е исклучок“, посочувајќи дека прашањето не е само економско, туку е и лична одлука на жените.

Потсети на владините мерки и реформи што веќе се спроведуваат, но и оние што ги најави синоќа за даночните олеснувања на многудетните семејства и за зголемувањето на додатоците, но и нагласи дека „демографскиот проблем „не се однесува само на децата кои ќе се родат, туку и на општеството кое старее и треба да старее здраво.

Денешната прес-конференција што традиционално се одржува на Меѓународниот саем во Солун ден по свеченото отворање, траеше два часа и 50 минути, а грчкиот премиер одговори на вкупно 44 новинарски прашања, едно повеќе од лани.