Мицкоски за навредите кон Јаневска: Ако некој сака да биде циркузант, не заслужува коментар
Прашан за коментар за вчерашната посета на Тетово, каде на министерката за образование и наука Весна Јаневска од новинар ѝ беше поставено прашање дали има со себе преведувач и оти претходно ѝ било укажано кога ќе оди во Тетово да има преведувач со неа, премиерот Христијан Мицкоски посочи дека некои луѓе не заслужуваат коментар.
– Понекогаш тоа што нема коментар не значи дека некој нешто заборавил да коментира, туку едноставно некои луѓе и не заслужуваат да бидат коментирани. Ако некој одлучил да прави естрада и циркузант од себе, дозволете му, сите можат да го видат и да го слушнат. Подобро да премолчите отколку влезете во таа естрада – изјави Мицкоски.
Вчера, за време на промоцијата на реновираното училиште „Моша Пијаде“ вчера во Тетово, новинар ѝ постави прашање на министерката за овразование Весна Јаневска дали при доаѓањето во Тетово, зела и преведувач од македонски на албански јазик:
– Си зема ли преведувач, министерке,– рече новинарот Невриј Адемитој.
На тоа министерката Јаневска одговори дека не зела преведувач.
– Не ми треба преведувач и не знам кому му треба преведувач во Македонија за македонски јазик – рече Јаневска.
Новинарот продолжи со провокацијата, непристојно обраќајќи ѝ се на министерката без персирање.
– Ти кажавме кога ќе дојдеш во Тетово да земеш преведувач, рече новинарот, со очигледна намера да предизвика скандал.
Неговото однесување предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, од граѓани, како и од истакнати новинари од разни провиниенции.