Мицкоски: Власта ќе падне на рати, не преку ноќ
Јас и ВМРО-ДПМНЕ имаме еден противник: тоа не се самонаречените иницијатори од хотелската коалиција, кои патем немаат поднесено иницијатива за Конгрес за кој толку многу говорат и го најавуваат, туку за противник го имаме изворот на лошиот живот во државата, а тоа е СДСМ и Зоран Заев кои во државата создадоа поларизираност и една елитизирана каста која ја обединува криминалот, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за Дојче Веле.
Во таа каста, додава Мицкоски, нарекувајќи ја мафија, обединувањето не е по партиска припадност, туку по интересот за пари и власт, бидејќи таму гледаме дека ликови од различни провиниенции се едно исто. Е јас, заедно со народот се бориме токму против тоа.
Навистина морам да потенцирам дека во општествениот дискурс наметнаа една шизофрена состојба, која е мотивирана и потхранувана од власта, а тоа е создавање на чувство и перцепеција дека за сите неправди, криминали, поларизирања, сиромаштија и економска стагнација не се виновни оние кои се извор на тоа, а тоа е СДСМ и целокупната власт, туку дека е виновна ВМРО-ДПМНЕ која тоа не го спречува, иако ние како партија со сите наши сили се бориме против тоа зло, вели Мицкоски.
Споменувајќи го примерот со дивоградбата во Мавровка, вели дека имаме состојба која се гради низ медиумите дека треба да се прослави рушење на дивоградба која сами дозволиле да се изгради и сега тоа е вест, а всушност треба да биде рутинска работа на државните органи кои пропуштиле да си ја завршат работата. Според Мицкоски, народот е целосно свесен со што си има работа и дека допрва потребен е труд и многу работа за рушење на, како што вели, овој хиброден режим. Тој смета дека во државата има огромно опозициско расположение.
Оваа власт, оваа количина на омраза и поделби креирани од власта, толкава количина на зло, не се руши со еден потег. Тоа е долга борба и оваа власт ќе падне на рати. Изборите кои поминаа беа почетокот на крајот на падот на власта на Заев. Нема нова енергија со старите и истрошени кадри во Владата, која не понуди ништо ново. Воедно тие ги понудија старите ветувања, а нови се само долговите. Оваа власт ќе падне на граѓански протести, а опозицијата ќе се окрупнува. Следува широк опозициски фронт кој ќе биде израз на револт за сиромаштијата, за долговите кои ни ги оставаат и за неправдите кои ни ги причинуваат, потенцира Мицкоски.
Говорејќи за програмата на Владата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека Македонија е уникатен пример што во време на корона криза пропадна банка, скандал тежок 200 милиони евра, притоа целосно се заборави на кој начин министерката предвреме г иизвлекла парите, или на кој фирми од Струмица се давани тие неповолни кредити поради кои пропадна банката.
Втората уникатност е по тоа што во време кога сите влади им помагаат на граѓаните, македонската ја поскапи струјата. Екстра профит за универзалниот снабдувач на електрична енергија и милионски тендери за агенција за обезбедување, која е исто од Струмица. И во тој поглед навистина не се остава простор било што да се пофали. Во нивно време се одлеваат инвестиции, наместо да се привлекуваат. Поентата не е да се фалат дека ќе имаат 600 евра просечна плата, или поголеми пензии. Јас би сакал тоа да е помножено со два, но проблемот е во реализацијата и во отсуството на стратегија. Не постои простор за фалење, кризата со Ковид-19 трае од март, а тие во септември немаат план за почеток на училишната година. Тоа кажува дека не се знае каде тераат, вели Мицкоски.
Понатаму во интервјуто Мицкоски зборува за обидите за преземање на пратеници од страна на мнозинството, за што вели дека пратеничката група останала компактна и покажала дигнитет и почит, пред се, кон граѓаните кои гласале.