Мицкоски: Владата на ВМРО – ДПМНЕ ќе инвестира во сите општини без разлика која партија ги води

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Општина Новаци порача дека идната влада на оваа партија ќе инвестира во сите општини без разлика од која партија е градоначалникот што ја води. Спротивно на тоа, тој тврдеше дека сегашната влада предводена од СДСМ го опструира работењето на општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Практично Мицкоски ги обвини СДСМ дека на општинско ниво му го прават тоа што тој им го прави на државно, во Собранието.
-Владата на СДСМ и ДУИ, оние општини каде што граѓаните во 2021 година гласаа за градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, гледаат на било каков начин да ги опструираат и да ги попречат во работата, Не инвестираат во тие општини, мислат дека така ги казнуваат граѓаните зошто гласале за градоначалниците од редот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Но, добрата вест е што за неколку месеци од денеска ќе имаме нова влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Имаме силен план, јасен план како Македонија да ја вратиме повторно на победничките патеки и како да ги развиеме општините, со еден исклучок, а тоа е дека ќе инвестираме во сите општини без разлика дали е градоначалникот од редот на ВМРО-ДПМНЕ, СДС, ДУИ, Алијансата за Албанците, БЕСА или некој друг независен градоначалник. Должност на владата, рече Мицкоски е да инвестира насекаде, на целата територија, а не само онаму каде што таа мисли дека треба.