Мицкоски верува во апсолутна победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори


 

Партиските анкети на ВМРО-ДПМНЕ покажувале предност од 4:1 во однос на следната партија по нив и затоа премиерот Христијан Мицкоски верува дека тие ќе бидат апсолутен победник на локалните избори во октомври

„Јас сум реален оптимист дека коалицијата што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе биде таа која што ќе биде апсолутен победник, врз основа на мерењата која што ние ги имаме. Ние правиме редовно секој месец, најмалку две, а понекогаш и три мерења на јавното мислење преку одредени атрибути коишто ги тестираме преку одредени политики, да видиме дали сме на вистинскиот пат или не сме. Од месец во месец сме се подобри. Јануари беше подобар од декември кој што беше најдобар“, рече денеска Мицкоски.

Според него, на последната теренска анкета која што ја добил рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ бил над 30 проценти, а втората партија со рејтинг од 6,8 проценти. „Ако порано зборувавме за предност од 3:1, сега е повеќе од 4:1, и очекувам тој тренд да расте до одредено ниво и потоа да се стабилизира, бидејќи ќе биде исцрпен капацитетот, тоа е волуменот на гласачи“, рече Мицкоски на новинарско прашање по стартот на реконструкција на просторт зад трговскиот центар „Капитол“ во Општина Аеродром.

Во партијата во тек е внатрешна процедура за имињата на кандидатите, при што ќе било земено предвид мислењето на членството, како и мислењето на граѓаните, па после ќе се одело пред органите на партијата.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински кој присуствуваше на настанот и е еден од кандидатите заѐ градоначалник на Скопје, во изјава за медиумите истакна дека е убеден дека името што ќе го предложи премиерот и партиски лидер Мицкоски на извршните органи на партијата, ќе биде и градоначалник на Скопје.

Премиерот уште изјави дека нема начин со сила да биде разрешен Судскиот совет, ниту членовите кои се избрани од Собранието, а за кои е поднесена интерпелација.

„Со сила ништо не можеме да направиме. Нив до последно ги штити законот. Тие можат да си речат не поднесуваме оставка и ќе тераме додека не ни завршат мандатите. Алатката е јавноста. Се бориме јавно. Вистината е најпрецизна во јавноста. Ќе се бориме со јавноста. Апсолутно со јавен притисок“, рече Мицкоски.

Инаку просторот се реконструира со 45 милиони денари со парите што се обезбедени од унгарскиот кредит за општините.