Мицкоски вели дека локалните избори биле за иднината на Македонија
Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ овие локални избори не се обични избори за градоначалници и за советници во општинските совети, туку гласање во кој правец ќе се движи државата. „Вие ќе одлучувате дали ќе продолжи по оваа погрешна на Заев, полна со корупција, криминал, предавства или ќе избереме патека на иднината предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа ќе биде патека на реформи, визија, стратегија, иднина“, рече Христијан Мицкоски на митингот во Тетово.
„Не велам дека чуда може да се случат веднаш по изборите, но по овие избори следи нова влада на ВМРО-ДПМНЕ и ќе се трасира патот по кој ќе се движи нашата татковина“, нагласи Мицкоски.
Тој рече дека „власта овде во Тетово зави во црно повеќе од шест илјади семејства (!?)“ и дека министерот Венко Филипче по трагедијата во модуларната болница „наместо да понесе морална и политичка одговорност, тој ги претставува кандидатите, оние мали зоранчиња“. Тој додаде дека Филипче не направил ништо за време на пандемијата, ниту болници, ниту протоколи за лечење, ниту се набавиле вакцини, иако вакцини има на претек, но луѓето престанаа да се вакцинираат.