Мицкоски вели дека изборите се порака до власта, Арсовска тврди „овие избори не се за политика“


Различни тоново во обраќањата на Христијан Мицкоски и Данела Арсовска (Фото: Б. Грданоски)

ВМРО-ДПМНЕ вечерва го одржа централниот митинг во Скопје пред Филхармонијата на кој беше промовирана и независната кандидатка за градоначалник на главниот град Данела Арсовска. Лидерот Христијан Мицкоски им порача на оние кои гласале за СДСМ да ѝ го свртат грбот на партијата и на Зоран Заев и да се приклонат кон коалицијата на неговата партија.

„Ова се локални избори со суштинска важност за правецот по кој ќе се движи државата. Ова се избори каде со вашиот избор праќате порака до власта. Вашиот глас е порака до тие коишто ја водат земјава 52 месеци по ред. Дали сакате да владеат со апсолутната власт уште 4 години или сакате промени? Затоа се обраќам до народот на Македонија, до Македонците, се обраќам до Албанците, до Турците, се обраќам до Ромите, до Власите, до Србите, до Бошњаците, до мажите и жените на нашата Македонија, од вас зависи дали ќе создадеме нова иднина, или ќе продолжиме со назадување, со лажни надежи, поделби и апатија“, рече Мицкоски.

Според него, најголемиот глас на овие избори е гласот на тивкото мнозинство.

Тој ги повика и оние кои традиционално гласале за СДСМ но си ја сакале Македонија знаеле дека со Заев нема иднина.

„Знаат дека гласот за Заев е глас и за срамот кој ѝ го носи на Македонија, и глас за криминалците околу него, сеедно дали е батето или некој друг од тоа опкружување. Таа партија сега им припаѓа на триесет до четириесет луѓе кои ги ползуваат придобивките од власта и неколкумина климачи околу нив. Затоа не гласајте за Заев и казнете ги политиките кои ни носат порази и ни ја одземаат колективната иднина“, рече Мицкоски.

Фото: Б. Грданоски

Данела Арсовска, пак, го порача сосем спротивното, дека „овие избори не се за политика. Овие избори се за нашето Скопје, за нашиот живот. Овие избори се за нашето секојдневие, за нашите проблеми и пред се за брзи, квалитетни и сигурни решенија за тие проблеми. На Скопје не му треба политичар со празни ветувања. На Скопје му треба менаџер кој ќе донесе решенија потребни за нашиот град да биде поубав“.

Таа нагласи дека граѓаните немаат време за чекање после сите лажни ветувања и нереализирани проекти и токму сега е време за промени.