Мицкоски се сретнал со Касами, почнал да праќа „вистински пораки“


Христијан Мицкоски и Билал Касами

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека се сретнал со Билал Касами од ВЛЕН, нагласувајќи дека односите меѓу коалициските партнери остануваат стабилни.

„Да, се сретнав со Билал Касами, разговаравме и мислам дека тој веќе почна да ги испраќа вистинските пораки што му доликуваат на градоначалник на мултиетничка општина како Тетово“, порача Христијан Мицкоски.

Мицкоски сега негира дека воопшто спомнал дека ВМРО-ДПМНЕ во првиот изборен круг се жртвувала за Вреди, но за возврат не ја добиле почитта од помалиот владин партнер.

– Каде сум дал таква изјава? Никаде јас не сум спомнал дали сме добиле почит од Вреди, ЗНАМ, ДУИ или слично. Никаде немам спомнато, ова ви е шпекулација – рече Мицкоски.

Но, кога новинарот го потсети дека пораката до Касами е испратена во обраќањето на роденденот на Внатрешната македонска револуционерна организација, Мицкоски рече дека изјавата била во историски контекст, дека ВМРО во историјата дала многу жртви и дека друга работа е ако некој препознава дека тој се обраќа на одредена партија.

Тензиите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди кулминираа откако Касами од Албанија порача дека во Кичево ќе го поддржат актуелниот градоначалник од ДУИ Фатмир Дехари, по што Мицкоски го предупреди дека ќе заврши како Али Ахмети.